Македонски Телеком со 7,4 отсто поголема нето добивка во првoто полугодие годинава
Македонски Телеком го продолжи трендот на раст и испорача силни финансиски резултати во првото полугодие на 2024 година. Успешното работење се должи на стратешките инвестиции во развој на мрежата и нови технологии, коишто доведоа до супериорни услуги и корисничко искуство, соопштија од компанијата.
Нето добивката е во пораст од 7,4 проценти, а приходите од продажбата се зголемени за 2,5 проценти во споредба со истиот период од претходната година и изнесуваат 5.965 милиони денари. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е благо намалена за 0,4 проценти споредено со минатата година.
Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,3 проценти и изнесува 213 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи порасна за 3,3 проценти. Базата на корисници се зголеми и во мобилните комуникации и достигна 1,3 милиони. Во фиксната телефонија, останува на водечката позиција со 230 илјади корисници.
Во однос на инвестициите од Телеком соопштија дека постојаните вложувања во мрежната инфраструктура го зајакнуваат статусот на најдобра мрежа.
„Остануваме лидери во покриеност со оптика доследни на нашиот фокус на ширењето и инвестициите во оптичката мрежа и денес имаме 330 илјади пристапи до оптика, што е за 13,9% повеќе споредено со истиот период од претходната година. Нашата 5G мрежа продолжува да се шири и е достапна за 92% од населението во Македонија со гигабитни брзини во речиси сите градови. Вкупните капитални инвестиции (CAPEX) на крајот од првите шест месеци од 2024 година изнесуваат 721 милион денари. Продолжуваме да ја шириме инфраструктурата на целата територија со најновите технологии за да ги поврземе сите корисници со најдобрите услуги“, посочуваат од компанијата.
Бруто износот на дивидендата по акција за 2023 година е зголемен за дури 33% во споредба со исплатената дивиденда по акција за 2022 година. Исто така, зголемен е и дивидендниот принос од акциите за 26% во однос на минатата година и изнесува 6,7%. Цената по акција од почетокот на 2024 година до крајот на првите шест месеци е зголемена за 6,9%.