Македонски артефакти и икони на нелегалните пазари во Азија


Над 1000 артефакти се водат како украдени од Северна Македонија. Ако досега завршуваа на црните пазари во Западна Европа, последниве години крајната дестинација им е Азија

Дваесетина украдени икони веќе неколку години фаќаат прашина во витрините во два музеи во Албанија, чекајќи тамошните власти да донесат одлука за нивната судбина. Станува збор за непроценливо историско и културно богатство за кое Северна Македонија години назад се обидува да го врати во земјата. Последните информации кои што македонското Министерство за култура ги добило од соседна Албанија се дека иконите се чуваат на безбедно и заштитено место во два музеи во Тирана. Албанското Министерство за култура испратило писмо до Владата на Еди Рама, којашто треба да ја донесе конечната одлука – дали украдените икони ќе бидат повторно вратени во македонските цркви и манастири или ќе ја имаат судбината на многубројни други верски и археолошки предмети на коишто засекогаш им се губи трагата. Проценките на полицијата се дека од земјава се украдени 1000 вредни артефакти и икони. Познавачите велат, пак, дека бројката е далеку поголема и се движи околу 3000 предмети – што е доволно да се наполнат неколку музеи. Иако полицијата презема мерки за спречување на криминалните групи и дивите копачи, се чини тие се секогаш неколку чекори пред организираните групи, кои и понатака продолжуваат да копаат по утробата на вредното историско и културно наследство.

Линк до целиот текст на Дојче Веле тука