Македонската жена има 18 отсто пониска плата од маж на иста позиција


Треба да се подигне јавната свест за јазот што постои меѓу примањата на мажите и жените за исти работни позиции. Иако Македонија ја има потпишано и ратификувано Конвенцијата за еднакви плати, две истражувања во 2011 и 2015 покажале дека жените заработуваат во просек по 18 или 19 отсто помалку од мажите.

„Јазот кој постои во заработувачката е најочигледниот, најмерливиот вид на дискриминација. Потребно е да постои објективен, родово неутрален механизам, со кој ќе можат да се вреднуваат сите работни места и да се надминат родовите разлики кои настануваат во заработувачката“, рече Емил Крстановски од канцеларијата на Меѓународната организација на трудот, на дебатата во пресрет на Денот на еднакви плати меѓу мажите и жените.

Според Никица Мојсовска-Блажевска, извршна директорка на „Македонија 2025“, родовиот јаз е само еден показател на неповолната положба на жените на пазарот на трудот.

„Мал дел од жените во земјава се активни на пазарот, на труд. Само половина од жените од 15 до 64 години учествуваат на пазарот на трудот, како вработени или невработени, за мажите тој процент изнесува 70. Во ЕУ тој јаз е 11 отсто“, посочи Мојсовска-Блажевска.

За жените да можат да ги остварат своите права, меѓу кои и она за еднакви плати со мажите, генералната секретарка на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, Маре Анчева, укажа дека е важно да се организираат синдикално.

Светска банка во систематската дијагностика на државата, укажа дека за да се зголеми толеранцијата на мажите за моќта на жените надвор од домот неопходно е создавање на повеќе примери на кои ќе се посочува. Светска банка смета дека родовата нееднаквост може да се намали со вметнување на родово ориентирани одредби во колективните договори преку социо-економскиот совет, спроведување прописи за спречување на дискриминацијата и усвојувањето механизми за следење на родовата еднаквост.

Светска банка утврдила дека стапката на вработеност кај жените е 18 процентни поени (пп) пониска отколку кај мажите на 15-64 годишна возраст. Има јаз и кај учеството во работната сила (26 пп пониско кај жените во 2015 година). Стапката на учество на жените во работната сила од 51 процент, исто така, е за 14 пп пониска од просекот на Европската Унија (ЕУ). Јазот опстојува во целиот животен циклус и е повисок отколку во повеќето други земји од Европа и Централна Азија, вели Светска банка. (А.С.)