Македонска вечер за почеток на OFFEST


Отворањето на дваесет и првото издание на OFFest (1-4 јуни), односно првата фестивалска вечер, ќе биде целосно во знакот на домашните артисти. OFFest 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав „Перија“, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури „Добрила & Дориан дуо“, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records).

„Перија“ е бенд формиран во 2015 година. Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Членовите се менуваат низ текот на годините, а бендот останува отворен за конекции и соработки.

Добрила и Дориан ја започнуваат својата соработка уште во 2008 година во Чалгија саунд систем кој до денес е еден од оние бендови што ја негува традиционалната чалгиска музика, но и креира нова, современа музика базирана врз традицоналната чалгија. Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот DOBRILA & DORIAN DUO и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“ (SJF Records, 2021).