Македонија се враќа на Евросонг во 2024?
Во Програмата за работа на МРТВ, се најавува буџет и намера по ланскиот прекин на учество во Евровизија, следната 2024 година да биде избрана и претставена наша песна претставничка на Евровизија.
„Програмата на Македонската Радио Телевизија во 2024 година ќе биде одбележана и со учеството на Изборот за песна на Евровизија 2024 година каде што ќе бидат презентирани македонските музички вредности преку песната – учесничка на овој фестивал“, пишува во Програмата.
За оваа новина информираат и официјални музички сајтови, кои даваат хронологија на учеството на македонските претставници во Евровизија. Предвидените 1,5 милиони денари се однесуваат и на јуниорската Евровизија.
Се уште нема официјална потврда од националниот сервис.
Малме во Шведска е домаќинот на 68. Евросонг, по победата на Лорин со „Тетоважа“, годинава, на фестивалот во Ливерпул, Англија. Ова е втора победа на Лорин, по онаа во 2012 година во Баку со хитот „Еуфорија“, кога за триумфот и беа доволни 372 поени. Лорин покрај Џони Логан е единствениот учесник на Евровизија со две победи на ова натпреварување.
Финалето ќе се одржи на 11 мај во Малме, а датумите на првото и второто полуфинале се 7 и 9 мај.
Ова ќе биде трет пат Малме да биде домаќин на Евровизија, по 1992 и 2013 година, а вкупно 7-ми пат големото музичко натпреварување да се одржува во Шведска.
„Фала боже, повторно не е досаден Стокхолм. Одличен избор“ напиша еден од обожавателите.
Третиот по големина град во Шведска со 350.000 жители беше избран за град-домаќин по ригорозен процес кој ги испитуваше капацитетите на местото на одржување, способноста да се сместат илјадници делегации во посета, екипажи, навивачи и новинари.
Годишната членарина во ЕБУ (Европски радиодифузен сојуз) и ЦИРКОМ (Организација под ЕБУ) изнедува 16 милиони денари, односно над 260.000 евра. За котизација се предвидени 300.000 денари, односно околу 50 илјади евра.
Без разлика дали Македонија учествува на Евровизија или не, членарината кон ЕБУ мора да се плати. Иако годинава откажавме учество поради економската криза, сепак таа членарина била подмирена, бидејќи ЕБУ е сојуз кој е најпознат поради организацијата на Евровизија, но исто така имал и други активности, како на пример отстапување на права за емитување на различни програми, филмови, серии и други културни и забавни содржини.
Македонија за првпат учествуваше на Евровизија во 1998 година, и првиот претставник беше Владо Јаневски со песната ,,Не зори зоро”.

Најголем пласан обезбеди Тамара Тодевска со песната ,,Proud” во 2019 година во Тел Авив, Израел, кога го освои високото седмо место на целокупниот пласман и прво место според гласови од жири комисија.