Македонија на мапата на туроператорот РСД, в година ќе донесе 35 илјади гости на културолошки патувања


Од февруари идната година туроператорот РСД од Германија ќе ја стави Македонија на рутата на културолошки патувања во неколку земји во регионот, организирајќи по еден чартер лет дневно со по 190 патници, овозможувајќи околу 35 илјади странски туристи да ја посетат нашата земја. Ова денес беше соопштено на куса прес конференција во Владата, при што беше посочено дека финансискиот ефект само од оваа програма ќе изнесува околу 35 милиони евра годишно, а заедно со сместуавњето, транспортот и слично, околу 50 милиони евра.

„Туроператорот РСД главно работи на културолошки патувања и планираме да донесеме 35 илјади гости следната година, почнувајќи од февруари“, рече Кристијан Франк, додавајќи дека е благодарем што може да биде тука и што како компанија ја имаат можноста да направат презентација и да покажат што планираат да прават. „Мислам дека во иднина не очекува многу голема работа“, рече Франк.

За овој проект зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека во Владата имале можност да разговараат со РСД и да ги поддржат нивните планови.

„Како Влада имаме главна стратешка цел да го поддржуваме туризмот и тоа беше една од причините туризмот да го поврземе со министерството за култура. Добрата вест е што нивната намера е потврдена и во реалност и туристите почнуваат да доаѓаат од овој февруари. Околу 35 илјади туристи ќе ја посетуваат Македонија надвор од сезоната во организација на оваа туристичка агенција“, рече Мицкоски.

Како што објасни ова е можност како земја да ги ги претставиме нашите културни капацитети, пред се Охрид и Скопје, каде што ќе бидат и ноќевањата. Туристите че имаат можност да ги посетат знаменитостите кои што претставуваат наша карактерна особина како држава, бидејќи Македонија има многу такви места со кои што може да се гордее, рече премиерот.

Инаку, самата компанија РСД има повеќе од една милијарда евра годишен обрт и таа покрај туризмот се занимава со други области како што се маркетингот, телекомуникациите, енергетиката, хотелиерството и тн.

Од февруари идната година ќе почнат да сообраќаат со по еден авион секој ден со туристи кои што ќе доаѓаат од Германија, од Франција и од Велика Британија.

„Тоа би значело дополнителни околу 30-тина милиони евра директни трошења овде кај нас од страна на овие гости кои што ќе не посетат, или заедно ако тука го вкалкулираме сместувањето и другите трошоци, превозот и слично, може да дојдеме дури и до педесетина милиони евра“, рече Мицкоски.

Тој објасни дека овие 35 илјади гости практично ќе бидат на балканска тура која започнува со едно ноќевање во Скопје, потоа продолжува во Црна Гора, Албанија, потоа во Охрид, каде што исто така ќе има ноќевање и завршува со дополнителни две ноќевања во Скопје, што значи четири ноќевања во Македонија.

Вкупниот број ноќевања на овие 35 илјади гости е околу 140 илјади нови ноќевања, и како што рече Мицкоски, претставува од десет до 15 проценти од вкупниот број ноќевања кои што ги остваруваат странските гости во овој момент кај нас.

„Тоа претставува значителен успех и ние како држава преку програмите кои што веќе ги имаме воспоставено планираме ова сериозно да го поддржиме и во периодот кој што следи да го зголемиме“, рече премиерот.

Целта е, како што нагласи, овие бројки да се зголемуваат, односно да се дуплираат, да доаѓаат два или три чартери дневно, но тоа ќе зависи од нас бидејќи гостите имаат и свои побарувања во делот на квалитетот на сместувачките капацитети.

„Ние како држава треба да поддржиме таков тип на сместувачки капацитети кои што ќе бидат атрактивни за овој тип на гости“, рече Мицкоски.