Македонија ја одбележа годишнината од загинувањето на Гоце Делчев под сенка на кампањата

Цвеќе на гработо во „Свети Спас“ положија претседателот Пендаровски, неговата ривалка Силјановска-Давкова, претставници на партиите и други организации


Претседателот Стево Пендаровски (Фото: Б. Грданоски)

 

Во атмосфера на последните денови од кампањата за претседателските и парламентарните избори Македонија денеска ја одбележува 121-годишнината од загинувањето на еден од најголемите великани во нејзината историја – Гоце Делчев. На неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ во Скопје положуваат цвеќе бројни политичари и други делегации.

Цвеќе положија претседателот на државата Стево Пендаровски, владина делегација предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерката за животна средина Каја Шукова, собраниска делегација составена од Дарко Каевски, Даниела Николова и Велика Стојкова-Серафимовска, како и здруженија на граѓани.

Имаше и партиски делегации. На великанот му се поклонија заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ беше предводена од лидерот Христијан Мицкоски, кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова, потпретседателот Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски.

Гордана Силјановска-Давкова положува цвеќе (Фото: Б. Грданоски)

По положувањето на цвеќето претседателот Пендаровски не даде изјава, но тоа го направија претставниците на партииите. Сања Лукаревска нагласи дека „аманетот на Делчев е и за сегашните и за идните генерации. Делчев е симбол на единството и државотворноста, се бореше за слободна и просперитетна држава. Ние сме тие коишто неговиот аманет ќе треба да го продолжиме во иднина“.

Бојан Маричиќ рече дека партијата в среда очекува подобар резултат од оној во првиот круг. „СДСМ не се откажа од својата идеологија, своите политики, принципи и вредности. Сите одлуки на партијата која е наследник на НОБ и АСНОМ и на Делчев и на Киро Глигоров, во овие 30 години го издржаа тестот на времето. Според него, СДСМ ќе биде силна партија во Собранието, „бедем којшто ќе ги брани слободата, демократијата и социјалната правда. А кој ќе биде власт, а кој опозиција одлучуваат граѓаните“, нагласи тој.

Бојан Маричиќ и Сања Лукаревска (Фото: Б. Грданоски)

Христијан Мицкоски зборуваше и за изборните нерегуларности наведувајќи дека главна причина била ДУИ и очекува такво  такво нешто да се случува и на 8 мај. „До претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ и ОДИХР, ние доставивме список на избирачки места каде што во определен временски интервал, гласањето е во просек помалку од една минута, што наведува на тоа дека таму имаме бројни нерегуларности. Односно, да бидам попрецизен, полнење на кутии и на тие избирачки места, чудно но вистинито, фингер принт, односно терминалите за отчитување на отисок од прстот, не работеле во тој период“, рече тој.

Како да е веќе премиер тој рече дека „го информирав и Министерството за внатрешни работи да ги засили своите сили таму, припадниците на МВР да вршат мониторинг на процесот на гласање во тие избирачки места. Мицкоски упати и повик до меѓународната заедница будно да го следи процесот и да не го факторизираат криминалот на ДУИ кои што истураат огромни количини на кеш пари, кои сакаат да бидат дел од власта за на исти начин да ги наплатат и повторно ги вратат тие количини на кеш“.

Со соопштение на одбележувањето на годишнината од загинувањето на Делчев се јавија и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова. Ковачевски посочи дека борбата на Делчев за слободна и независна македонска држава ќе остане вечен паметник за жртвата што ја дале тој и неговите современици. 

Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

„Нашата борба денеска, повеќе од еден век подоцна, е за Македонија која ќе биде дел од Европската унија, држава со европски животен стандард и европски вредности. Како што Делчев и Илинденците не се откажале од нивната борба, така и ние не треба да се откажеме од нашата борба за подобра Македонија за нашите деца и внуци“, рече Ковачевски.

Силјановска во соопштението вели дека „никогаш нема да дозволиме некој во наше име да ја фалсификува македонската историјата во која нема место за Гоце, Даме, Јане, Питу и сите други кои ги удриле темелите на македонската држава. Македонија е како куќа, ако не ја одржувате таа ќе се руинира, затоа треба да ги поправаме или менуваме расипаните делови за куќата наречена Македонија да биде функционална и удобна за сите.
Немаме против и други да го слават Гоце Делчев затоа што тој бил човек кој има вредност за сите луѓе. Она што очекуваме од сите што го слават да го прифатат фактот што неговиот сон да биде закопан во независна македонска држава е остварен со помош на бугарската држава која во 1946 година помогна да  се пренесат посмртните останки на Гоце во неговиот вечен дом во ‘Свети Спас’“. (Н.В.)