Македонија има 668 ендемични видови растенија и животни
Македонија е мала по територија, но може да се пофали со богат биодиверзитет, во кој огромна улога играат шумите, езерата и реките, беше речено на еко-часот на тема „Вредноста на дивите видови“ што по повод одбележувањето на Денот на планетата Земја – 22 Април во организација на Град Скопје, го одржа претставник на Министерството за животна средина и просторно планирање во ЗОО Скопје.
На триесетина ученици од средното училиште „Орце Николов“ од Скопје, најпрво им беше прикажано видео „Тивки пријатели“, со кои им се обрна внимание на важноста од зачувување на дрвјата, а потоа Биљана Стевановска од Министерството за животна средина и просторно планирање им ја долови разноликоста на животинските и растителните видови во земјава.
Жаби, бубачки, кокичиња и качунки што се загрозени и заштитени видови во Европа, во Македонија се сретнуваат насекаде.
Во студијата изработена во соработка со институти од Литванија и од Финска, се покажалод ека во Македонија, која опфаќа само 0.26 отсто од површината на европа, сепак живеат 64 отсто од сите видови птици во Европа, 33,66 високи растенија, 20 отсто цицачи, 25,2 отсто влечуги, 20,3 отсто водоземци и 14 видови слатководни риби.
„Колегите од Литванија беа изненадени што кај нас живеат 15 различни видови влечуги, додека кај нив само два. Ние имаме кафеави, зелени, жолтеникави гуштерчиња. Некои поголеми, некои помали, но различни“, рече Стевановска.
Таа појасни дека сите ние сакаме да се шетаме во шума, затоа што ни овозможува чист воздух, дрвјата нѐ смируваат, природата нѐ одмара, но дека ние штетно влијаеме на неа и ја загадуваме.
Ги замоли учениците, следниот пат кога одат во шума да не ги тргаат паднатите дрвја од патеките, затоа што тоа е „куќа на многу бубачки“, тие живеат во тоа гнило дрво и придонесуваат за побогата почва.
„И јас мислев зошто нашите шуми не се средени, зошто нема патеки и клупи, да можеме да уживаме, туку само паднати дрјва, кои не изгледаат убаво, но со изработка на студијата, го сменив мислењето. Оставете ги оние црвени мали бубачки кои ништо не ви прават, а живеат под кората на дрвјата или во гнило дрво. Тие се нашето богатство“, им порача Стевановска на учениците.
Раскажа дека нејзините колеги од Финска многу се возбудиле кога ја виделе таа бубачка во македонските шуми. Таа се нарекува кукујус, па ја фотографирале, затоа што до тогаш, ја имале видено само во книги. Кај нив ја нема, а ние ја знаеме, затоа што ѕирка од под секоја кора. Таа е ендемски вид кај нас, живее на ова подрачје. И пеперутката молец, како и трчи буба розалија, жабата гаталинка, жолтиот мукот, ридската желка, змијата рибарка, која не е отровна, а се обојува црвено околу устата ако е исплашена се заштитени со закон и во Европа и кај нас.
Македонските шуми се најчесто дабови, букови и костенести. Нивната вредност е многукратна, а во Еворопа се на изумирање, па се заштитени со закон. Поради климатските промени, лисјата им се сушат, а потоа умираат и стеблата. Во Македонија сѐ уште шумите се раззеленети, со огромни крошни и гранки, стари по 300 години. Како што вели Стевановска, фотографиите од Пелистерската шума наликуваат на сцени од „Игра на тронови“, а се наоѓаат тука, кај нас, на надморска височина од 1.000 метри. Дабот и буката често се користат за граѓа, затоа што особено дабот има голема цврстина, па куќа изградена од него, нема да падне. Но, се користат и за изработка на мебел. Дабот е живеалиште и на бршленот, од кој пак, се прават сирупи против кашлица. Под неговата кора живее бубачката еленче, која не каса, а изгледа страшно поради роговите со кои лови и крши други бубачки со кои таа се храни. Со костенот се хранат верверички и други глодари, а од него се изработуваат и многу креми за заштита на кожата.
Зимзелената смрека, во Европа речиси и да ја нема, особено на северот од континентот, а кај нас ја има насекаде. Таа дава смрекинки, со кои се хранат мечките и верверичките, а научниците ја сметаат за најважен вид. Луѓето од нив прават чаеви, но од нив се произведува и алкохолниот пијалок џин.
„Сметав дека е важно да ви посочам неколку примери од нашата природа која нѐ окружува, за да ви доловам дека можби сме мали, но богати со разновидност“, рече Стевановска, која укажа дека во Македонија има 668 ендемични видови растенија и животни, кои растат и живеат само на овие простори.
Мотото на годинешното одбележување на Денот на планетата Земја – 22 Април е „Чувај ја и проучувај ја природата“, а во согласност со празникот, учениците засадија дрвца во Зоолошката градина, зад живеалиштето на слоновите, како дел од Ботаничката градина.(Б.Б.)