Македонија и Србија побараа помош од ЕУ за да ја поминат зимата

Во Софија официјално беше пуштен во работа интеконекторот за гас меѓу Грција и Бугарија преку кој ќе оди азербејџански гас и од кој ќе има корист целиот регион


Од церемонијата во Софија

 

Претседателите на Србија и Македонија го искористија присуството на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Софија на официјално пуштање на интеконекторот за гас меѓу Грција и Бугарија за да побараат поголема помош од ЕУ за да ја поминат зимата.

„Новиот интерконектор стартува во многу важен момент од претстојната зима, растечката инфлација“, изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски во обраќањето. Според него, Скопје е подготвено да ги преземе сите чекори за поширока европска солидарност. „Ова може да го намали евроскептицизмот. Очекуваме помалку разговори и повеќе активности. Најдобар начин за ублажување на последиците од сегашните кризи е зајакнување на механизмите за европска интеграција. Сега е време да не се фокусираме на тесните национални интереси, туку да бараме заеднички одлуки под слоганот ‘Заедно сме посилни’“, рече Пендаровски.

Тој се обиде да ја разбие официјалната атмосфера на церемонијата во Националната палата со изјавата дека претседателот на Азербејџан Илхам Алиев се чини дека го сменил телефонскиот број затоа што никој не може да му се јави за да побара повеќе гас.

„Ни треба поширока европска солидарност. Тоа може да го ублажи евроскептицизмот, кој е опасност во последно време. Очекуваме поголема активност и помалку разговори“, рече Пендаровски.

„Верувам дека ќе имаме тешка зима и есен, уште потешка отколку што кажа овде претседателката Фон дер Лајен. Имав дилема пред да дојдам овде како ќе се однесува со мене, но беше многу пристојна и љубезна. Се чувствувам малку како ‘црна овца’ овде во друштво на пријатели и морам да ѝ се заблагодарам, иако не сакам да ѝ ласкам. Таа многу ни помогна кога станува збор за изградбата на интерконекторот меѓу Србија и Бугарија и во планирањето на изградбата на интерконектор меѓу Македонија и Србија. Тоа ќе значи многу за инфраструктурата на Балканот, која потоа можеме да ја разгрануваме. Но, без инфраструктурата и поддршката од ЕУ никогаш немаше да ги достигнеме овие цели“, рече српскиот претседател.

Во своето обраќање, Вучиќ побара од Урусула фон дер Лајен земјите од Западен Балкан да ги стави на заедничката листа на земји од ЕУ кога станува збор за цените на енергенсите.

„Драга Урсула, не слушајте го 100 отсто мојот пријател Киријакос Мицотакис и немојте да ги повторите 100 отсто мерките од ерата на борбата против ковидот – благодарни сме за вашата поддршка, но кога зборуваме за пари, ние не можеме да ги апсорбираме овие цени на енергенси и ве молам ставете ги земјите од Западен Балкан на тој список заедно со други од ЕУ. Знам дека мојот пријател Мицотакис ќе се согласи нашите земји од Западен Балкан да ги ставите на ист список со земјите од ЕУ кога се во прашање цените и ќе ви бидеме бескрајно благодарни“, изјави Вучиќ во Софија, изразувајќи благодарност и до Азербејџан без кој не би можело да се смета на диферзификација на гасот.

Двајцата претседатели претпладнето се сретнаа одделно со претседателката на Европската комисија.

Средбата на Стево пендаровски и Урсула фон дер Лајен

Пендаровски на средбата, како што соопшти неговиот кабинет, изразил очекување за помош од Европската комисија во контекст на европската солидарност во справувањето со кризата. Тие разговарале и за текот на скрининг процесот како важна фаза во пристапните преговори за членство во Европската унија. Пендаровски истакнал дека земјава е подготвена да ги направи потребните реформи во клучните области, како дел од пристапниот процес.

„Конечно!“ Со овој збор бугарскиот претседател Румен Радев го започна завршниот говор на официјалната церемонија на пуштање во комерцијална работа гасната врска меѓу Бугарија и Грција. Меѓу гостите, освен Фон дер Лајен, Пендаровски и Вучиќ беа европскиот комесар за енергетика Кадри Симсон, Илхам Алиев, претседател на Азербејџан, чиј гас покрива една третина од капацитетот на гасоводот, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, како и премиерот на Романија, Николае Чука. Сите тие ја истакнаа важноста на интерконекторот, кој иако со мал капацитет од 3 милијарди кубни метри годишно и речиси 13 години по неговото замислување како проект, почнува да работи во важен момент на кризата со руските енергетски испораки и високите цени на природниот гас.

Всушност, интерконекторот всушност почна да работи во 7 часот и азербејџанските количества гас веќе влегуваат во Бугарија преку гасоводот долг 183 километри меѓу грчкиот град Комотини и Стара Загора, каде што влегуваат во бугарската мрежа за пренос на гас. Тоа директно влијае на цената на гасот за бугарскиот пазар.

Сите официјални гости ја истакнаа важноста на интерконекторот за диверзификација на снабдувањето со гас не само во Бугарија, туку и на Балканот и Југоисточна Европа во време кога Русија станува сѐ понесигурен снабдувач на природен гас. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев доби серија благодарности што неговата земја придонесува за стабилизирање на енергетскиот пазар во Европа и предложи идните зголемувања на производството на азербејџански гас да ги преземат балканските земји, како и да транзитира во Европа преку Бугарија, Романија, Унгарија и Словачка.

Илхам Алиев, кого ЕК го поттикна да ги зголеми испораките од летото и беше постигнат договор со Урсула фон дер Лајен да ги удвои на 16 милијарди кубни метри годишно до 2027 година, посочи дека интерконекторот меѓу Грција и Бугарија ќе игра важна улога во безбедноста и диверзификацијата на снабдувањето со гас во Европа како дел од Јужниот гасен коридор.

„Би рекла дека денес започна нова ера за Бугарија и Југоисточна Европа“, рече претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во својот поздравен говор. Таа потсети дека проектот за гасно поврзување започна во 2009 година, кога Бугарија беше сериозно погодена од тогашното суспендирање на рускиот гас за Бугарија поради споровите на „Гаспром“ во Украина.

„Веќе ги имаме физичките димензии на интерконекторот, не беше лесно – неколку бугарски и грчки влади беа сериозно вклучени во овој проект. Имаше многу бирократски пречки што требаше да се надминат“, рече шефот на бугарската држава Румен Радев во својот завршен говор.

Реализацијата на 183 километри долгиот гасовод од грчкиот град Комотини до Стара Загора траеше речиси 13 години. Капацитетот на интерконекторот е 3 милијарди кубни метри годишно, од кои се резервирани 1,57 милијарди кубни метри, а слободниот капацитет ќе се нуди на две европски берзи. Покрај азербејџанскиот 1 милијарда кубни метри гас, гас ќе се приклучат и двајца од акционерите – грчкиот ДЕПА и италијанскиот Посејдон, кои имаат 50 отсто од операторот, а преостанатиот удел му припаѓа на „Бугарскиот енергетски холдинг“. (Н.В.)