Спуштени тензиите: Mакедонија и Бугарија ќе го градат тунелот на Деве Баир според постоечкиот проект

Спуштени тензиите меѓу Скопје и Софија околу изградбата на пругата. Договорот за тунелот треба да се потпише наесен, а да почне да се гради во 2026


Фамозниот тунел што треба да го градиме со Бугарија
 
Во Брисел се одржа средба на ретко разбирање во последно време меѓу Македонија и Бугарија. И тоа во секторот каде што имаше голема напрегнатост до пред два-три месеци: во транспортот.
делагации на двете министерства за транспорт со посредство на ЕУ се договорија не само да продолжат, туку и да се забрзаат активностите во изградбата на железничката пруга меѓу двете земји.
 
На состанокот од македонска страна присуствуваа државниот секретар Стефан Волкановски, директорот на ЈП Железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов. Состанокот го организираше Валентина Суперти, директор за Западен Балкан во Директоратот за проширување.
 
Македонското Министерство за транспорт соопштува дека состанокот протекол во позитивна и конструктивна атмосфера и била потврдена посветеноста и потребата кон финализација на делот од железничкиот Коридор 8.
 
Двете страни се согласиле да продолжат со активностите за изградбата на прекуграничниот тунел, кој ќе биде изграден во согласност со постоечкиот технички проект доставен од страна на Македонија. 
 
За тунелот било договорено да се формираат работни групи кои до крајот на јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти. Тој договор би требало да се потпише оваа есен со што би се отворил патот за започнување на градежни работи во 2026 година. 
Учесниците на средбата во Брисел
 
На состанокот биле договорени чекорите во следните месеци, како и приоритетите, меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година од страна на Македонија. Се зборувало и за активностите од бугарската страна и активностите што ги преземаат во делот на Железницата.
 
Македонија и Бугарија се обврзаа да ги истражат најсоодветните можности за заедничко аплицирање за финансирање од ЕУ или од партнерските финансиски институции за заедничка изградба на тунелот.
 
Претставник на Европската инвестициска банка беше на средбата и тој ја пренесе подготвеноста на банката да помогне во техничките дискусии и во целокупниот процес.
 
Овој состанок следува по неодамнешната средба меѓу двајцата министри за транспорт, Александар Николоски и Гроздан Караџов, на форум во Истанбул. На таа средба како да беа „закопани секирите“ за меѓусебни обвинувања и Николоски и Караџов се заложија за поголема динамика на изградбата на пругата што треба да го поврзе Јадранското со Црното Море и е во важните транспортни планови на НАТО.
 
На таа средба Бугарија потврди дека тендерската постапка за изградба на преостанатите 2,4 километри пруга од Ѓуешево до средината на тунелот и Деве Баир да се отвори до крајот на јули 2025 година. Финансиските средства за оваа делница се издвоени од Програмата за транспортна поврзаност 2021–2027, со финансирање од 69 милиони евра.
 
Бугарија, исто така, се подготвува за значителни инвестиции во железничкиот коридор Софија – Македонија. Според бугарските претставници, вкупниот износ планиран за оваа делница надминува 1,5 милијарди евра. Работите се поврзани со обврските на земјата согласно меѓународните договори и протоколите за регионална соработка.
 
Во Македонија завршена и пуштена е во сообраќај трасата од Куманово до Бељаковце, а се гради делницата до Крива Паланка.
 
Иницијативата за изградба на овој коридор има силна поддршка од европскиот координатор за коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран и од Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, кои исто така учествуваа на состанокот во Брисел. (Н.В.)