Македонија е престолнина на стиропор во распаѓање

Ве тапкам по рамо, ве тешам, но не ви помагам, туку ве охрабрувам да кренете раце од евроинтегрирањето, беше сумирано настапот на хрватскиот претседател Милановиќ пред Сиљановска во Загреб


ЕУ е добродојдена сензација – додека трае, изјави вчера хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на прес конференцијата со нашата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Поголем „подарок“ не можеше да ѝ даде, со пораката што сугерира дека се во право тие во Македонија, а многу се, што сметаат дека не вреди да се прават отстапки за членство во Унијата и дека само прашање на време е – кога таа ќе се распадне. 

Практично немаше „неправда“ од ЕУ кон Македонија што не ја потврди Милановиќ во Загреб, откако пред една година истото тоа ни го порачуваше и од Скопје. Највпечатлива беше оценката дека ЕУ и НАТО се само фасада, стиропор, декорација, а државата е куќата, т.е. гаранцијата за стабилност, спокојство и добар стандард. Како никој да не му кажал дека Македонија е експерт за стиропор и дека целата наша големина е на таа фасада од „Скопје 2014“, која сега постепено се распаѓа – како и државата. 

Милановиќ, исто така, ја погали суетата на Сиљановска оценувајќи дека патот на Македонија предолго трае (што е неспорен факт), дека процесот е нетранспарентен и дека е неправеден. Тој дури ѝ порача дека што и да направиме, ќе дојдат нови барања и условувања, заборавајќи што сѐ направи Хрватска за да влезе во ЕУ без да морализира дали тоа е надвор од Копенхашките критериуми или не е. Од оваа временска перспектива, беше ли Копенхашки критериум барањето Анте Готовина да се испорача во Хаг? Беше ли Копенхашки критериум да се простат на Љубљанска банка ограбените пари на хрватските граѓани само за да не става вето Словенија? Беше ли Копенхашки критериум барањето Хрватска да ги реши територијалните спорови со соседите пред да ѝ се одобри приемот во ЕУ? 

Најинтересна беше, сепак, оценката на Милановиќ дека принципот на едногласност во ЕУ никогаш нема да се укине и дека тој доведува до блокади, што пак ја покажува дисфункционалноста и себичноста на земјите членки. И, тоа во ситуација кога деновиве самиот Милановиќ излезе со став дека не поддржува укинување на едногласноста во носењето на најважните одлуки во ЕУ, дека тој принцип е основа на договорите за ЕУ и дека мора да опстане… Во стилот, ве тапкам по рамо, ве тешам, но не ви помагам, туку ве охрабрувам да кренете раце од евроинтегрирањето. И, тоа додека паралелно во други прилики порачуваше дека е подготвен да ја блокира Србија, земја со која делат иста граница, а не наоѓа за потребно да оствари средба или да се обиде да ги решава спорните прашања со Белград, без оглед колку нереално да изгледа тоа. 

Најцитирана овие два дена сепак е неговата порака дека „има живот и надвор од ЕУ“ и дека треба сами да решиме дали треба да се обидуваме да станеме членка „по секоја цена“. Со толку евроскептицизам во државава, со влада која не прави ништо да ја тргне од европското дно Македонија, која глуми реформи и спори место да бара решенија, навистина не ни треба охрабрување на таа политика и солидаризирање со мизеријата што ја носи изолацијата на државата. 

Сите овие пораки на Милановиќ – кој за волја на вистината е контровезен на многу теми, има долг јазик, екстремно е недипломатски и пак има јавна поддршка во Хрватска – отвораат дилема околу причината за ваквите негови настапи во однос на Македонија, во смисла дали сака да нѐ утеши што не мрдаме во евроинтеграцијата, или пак сака да нѐ спречи да се обидуваме, бидејќи не се гледа дека Хрватска има каква било иницијатива или интерес да станеме членка на Унијата? Во еден од неговите изливи на брутална транспарентност тој изјави дека една животна лекција влијаела на неговата политичка филозофија, која најдобро ја одрази во предизборниот слоган „Претседател со карактер“. Станува збор за притисоците врз Хрватска да се придружува на санкциите кон Либија во времето на Моамер Гадафи и да го прекине договорот за изградба на бродови за Триполи, што по паѓањето на либискиот режим го добиле Французите, иако тие најмногу ги притискале да се повлечат. 

„Оваа епизода навистина ме научи како да гледам на слатките муабети и големите фрази во односите меѓу луѓето и политичарите, особено државите, и како да се водам од еден златен принцип, а тоа е: грижи се за себе и биди себичен кога станува збор за државата“, го опиша Милановиќ овој настан.

Неговиот настап кон Македонија е токму таков, себичен и неодговорен, бидејќи на земја членка на ЕУ која црпи милијарди евра фондови, која оди напред со тие пари, во која се пресели половина Македонија, а Милановиќ ги уверува граѓаните дека се безбедни од наводните закани од Србија бидејќи се богати и се во ЕУ и НАТО, не му личи да ни кажува колку убаво може да се живее надвор од Европската унија. И што е најдегутантно, вакви поддршки добиваме од многу такви лидери на источноевропски земји членки кои ја критикуваат ЕУ на дневна основа, а не сакаат да излезат од Европската унија. Станува симптоматично што место да се трудат да ѝ отворат пат на Македонија во ЕУ, тие морализираат, како што се случи со Орбан кој излезе да пие кафе кога се гласаше за Украина, а не искористи ниту едно од своите бројни вета кон Бугарија, како најголем политички сојузник на нашата влада. 

Испаѓа дека сите наши соседи и сојузници се јаки во обидите да нѐ тешат и да нѐ одвратат, а немоќни кога треба да нѐ поттурнат, што наметнува и дилема – дали новите земји членки само сакаат да си ја зацементираат својата позиција на приматели на помош во ЕУ, или попросто кажано, дали прават сѐ да не ги делат парите на ЕУ со земји кои би биле посиромашни од нив. Можно е, исто така, Милановиќ да ја користи Македонија како „попатна карта“ на патот до блокада на Србија, односно, одвраќајќи ја Македонија од ЕУ индиректно да ја оддалечува и Србија, така што хрватско вето не би било ни потребно.

Останува и можноста, како политичар популист, Милановиќ само да го кажува тоа што сака да го слушне власта во Македонија, без некоја задна намера. Можно е тој да е едното лице од надворешната политика со две лица на Хрватска, која главно ја води владата, а не претседателот. Тоа му дава комотна позиција политиката кон Украина во однос на војната на Русија да ја нарекува „шарлантанизам“ додека Андреј Пленкович оди во Киев;  да им се заканува на Финска и на Шведска околу приемот во НАТО ако не им се обезбеди статус на Хрватите во БиХ,  да го прогласи Путин за непобедлив кој има право да бара безбедносни гаранции околу Украина, но и да го прогласи Нетанјаху за лидер на режим ист како тој на Путин… Практично на која било тема тој има што да изненади, па и да шокира, така што нема зошто Македонија да е исклучок. На крајот на краиштата, добро е да се слушне и различно мислење, но со претседателката Сиљановска и со власта толку се на исто мислење што ставовите им звучат како излитен рефрен, уште повеќе што ниту едниот ниту другиот не стапнуваат во Брисел, а прават кариера на празни фрази како вчерашните.