Македонците слабо плаќаат со картички на интернет


Народната банка ја објави Годишната информација за плаќањата во земјава во 2018 година. Во Информацијата се анализираат состојбите во платниот промет и платните инструменти во земјава со споредбен осврт на клучните показатели со показателите на ниво на Европската Унија (ЕУ).
Учеството на трансакциите со платежни картички за вршење плаќања кај интернет-трговијата е на ниско ниво и минатата година изнесува 3 отсто. Сепак, купувањето преку интернет станува сѐ позастапено, при што процентот на население во земјава кое купува преку интернет се зголемува од 5 отсто во 2012 година на 25 проценти во 2018 година, но и со тоа е речиси два и пол пати под просекот на ЕУ, иако 81 отсто од населението користело интернет, што е релативно близу до просекот на ЕУ (87).
Минатата година, вредноста на плаќањата извршени од физичките и правните лица (коишто ги исклучуваат платежните трансакции помеѓу Народната банка, банките и штедилниците) забележа годишен раст од 10,2 отсто и изнесуваше 3.813 милијарди денари. Најголемиот дел, или 99 отсто, се остварени со кредитните трансфери, а остатокот од 1 отсто со платежните картички. Вкупниот број остварени трансакции за извршување на плаќањата минатата година изнесува 114 милиони, што е за 11 проценти повеќе во однос на бројот на трансакции во 2017 година. Најголемиот број од трансакциите се остварени со платежни картички (47 отсто), додека, пак, остатокот се извршени со употреба на кредитни трансфери иницирани на хартија, или електронски со учество од 30 проценти и 23 проценти, соодветно.
Најголемиот број трансакции со кредитни трансфери е извршен од страна на правните лица (71 отсто), додека остатокот се однесува на физичките лица. Електронски иницираните кредитни трансфери учествуваат со 43,8 отсто во вкупниот број кредитни трансфери во 2018 година, при што нивното учество забележува умерен годишен раст во однос на 2017 година за 1,8 процентни поени (п.п.) Сепак, нивното учество и натаму е релативно ниско во споредба со земјите од ЕУ (кај старите земји членки на ЕУ ова учество изнесува 92 отсто, а кај земјите членки на групата од Централна, Источна и Југоисточна Европа изнесува 87 проценти).
Платежните картички издадени во земјата, од аспект на бројот на извршени трансакции на уреди лоцирани во земјата во 2018 година, најмногу се употребувале во трговијата за вршење плаќања на физичките места на продажба (учество од 64% во вкупниот број трансакции со платежни картички). Користењето на платежните картички за повлекување готовина од банкоматите е сè уште високо, но нивното учество во вкупните трансакции со платежни картички забележа годишно намалување од 3 п.п. и изнесува 33 отсто во 2018 година. Учеството на трансакциите со платежни картички за вршење плаќања кај интернет-трговијата е на ниско ниво и минатата година изнесува 3 отсто. Сепак, купувањето преку интернет станува сѐ позастапено, при што процентот на население во земјава кое купува преку интернет се зголемува од 5 отсто во 2012 година на 25 проценти во 2018 година, но и со тоа е речиси два и пол пати под просекот на ЕУ, иако 81 отсто од населението користело интернет, што е релативно близу до просекот на ЕУ (87).