Мајкрософт: Не презедовме контрола над OpenAI


Британскиот регулатор денеска соопшти дека ќе го анализира партнерството на Мајкрософт со стартапот OpenAI за да утврди потенцијалното негативно влијание врз конкуренцијата на пазарот за апликации базирани на вештачка интелигенција.

Управата за конкуренција и пазари (CMA) се сомнева дека партнерството де факто резултирало со тоа што Мајкрософт ја презеде контролата над OpenAI, што крена прашина пред една година со воведувањето на ботот ChatGPT.

„Во системот за управување со OpenAI во последно време се случи мнгоу, а Мајкрософт исто така беше вклучен во некои од настаните“, откри британскиот регулатор. Така, тие сакаат да утврдат дали партнерството помеѓу Microsoft и OpenAI, вклучувајќи ги и тие настани, резултирало со спојување и, ако е така, како тоа може да влијае на конкуренцијата.

Мајкрософт вети дека ќе инвестира повеќе од 10 милијарди долари во OpenAI и поседува 49 отсто од акциите во компанијата. Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, на 29 ноември изјави дека Мајкрософт ќе има статус на набљудувач во одборот, што значи дека ќе има пристап до доверливи информации, но нема право на глас.

Смената на Алтман
Мајкрософт денеска негираше дека ја презел контролата врз OpenAI.

„Единствената промена е статусот на „Мајкрософт“ на набљудувач без право на глас на одборот „ОпенАИ“, што значително се разликува од, на пример, купувањето на „Дип Мајнд“ од „Гугл“ во Велика Британија“, рече претседателот на Мајкрософт, Бред Смит.

„Ќе работиме тесно со CMA за да ги обезбедиме сите потребни информации“, додаде Смит. Кон крајот на ноември, одборот на OpenAI ненадејно го отпушти Алтман од функцијата извршен директор, велејќи дека ја изгубил нивната доверба. Во образложението на отказот, членовите на одборот рекоа само дека тој „не бил секогаш искрен во комуникацијата“, што им го отежнувало извршувањето на должноста. Тие не прецизираа за што наводно не бил искрен.

Враќање на Алтман на должност
Само неколку дена подоцна, стартапот објави дека Алтман се враќа на позицијата извршен директор и најави промени во одборот што го собори и назначување на нови членови, поранешниот министер за финансии на САД, Лери Самерс и поранешниот шеф на Salesforce, Брет Тејлор.

Враќањето на Алтман како извршен директор може да означи ново поглавје во развојот на непрофитната стартап компанија, која долго време се бори да ги балансира стравувањата од потенцијалните закани од вештачката интелигенција и нејзиниот потенцијал за комерцијализација, забележува Ројтерс.

Измените во одборот на директори се чини дека се во рацете на Алтман и Мајкрософт, кои финансиски го поддржуваат и веќе нудат OpenAI технологија на деловните корисници ширум светот, додаде тогаш агенцијата.