Мајката веднаш ја известила полицијата дека го убила девојчето во Сава – испрашан и сопругот


Потрагата по тригодишното девојче по кое од вчера попладне бројни служби трагаа во реката Сава во Загреб и Загрепската жупанија, за денеска е прекината.

Тоа што мајката ѝ го кажала на полицијата веднаш укажувало дека се работи за убиство.
Потрагата започнала откако 34-годишната мајка вчера околу 16 часот и 10 минути повикала полиција. Како што дознава Index.hr од сигурни извори, таа експлицитно не кажала дека го убила детето, но она што го кажала веднаш ја насочило полицијата кон фактот дека се работи за криминално дело.

Полицијата ја лоцирала во близина на мостот Јанкомир. Меѓу другото, таа кажала дека влегла во Сава со детето во раце, а сето она што ѝ го кажала на полицијата само го потврдило сомнежот дека се работи за убиство на сопственото дете. Изгледала дека не била свесна и била однесена на лекарска помош.

Полицијата со оглед на изјавите на мајката и она што го пронашла на местото на настанот ја отфрли можноста да се работи за несреќа во која детето паднало во реката Сава. Облеката на мајката била мокра, што потврдило дека и таа била во реката Сава, но полицијата ја исклучила и можноста да се работи за обид за самоубиство со детето во раце.

Не се знае дали девојчето се удавило или мајка ѝ прво го убила
Во еден момент, откако влегла во Сава со детето во раце, таа очигледно го пуштила девојчето да исплива по Сава. Сè уште не е познато дали девојчето се удавило или било прво убиено. Истрагата треба да утврди што точно се случило, но сè е отежнато поради тоа што телото на детето го нема и прашање е дали некогаш ќе биде пронајдено.

Мајката денеска и официјално е уапсена и е осомничена за кривично дело тешко убиство. По притворот, таа повторно ќе биде сослушана, овој пат пред обвинителството. Семејството вчера го ангажираше адвокатот Милко Крижановиќ, но тој денеска соопшти дека одбива да ја застапува жената и нејзиното семејство и дека на уапсената мајка ќе ѝ биде обезбеден адвокат по службена должност.

Сопругот испрашан
Полицијата го испрашала и сопругот на уапсената, како и голем број други лица кои би можеле да помогнат во истрагата.

Двојката има уште едно петгодишно дете, кое е добро. Сè уште не е јасно што ја поттикнало мајката да ја фрли својата двегодишна ќерка во реката Сава. Сепак, според информациите, мајката и претходно била лекувана од психички нарушувања.

„Вчера, 15-ти јануари околу 16.10 часот, полицијата постапила по пријава од 34-годишна жена која со дете во рацете влегла во реката Сава кај мостот Јанкомир. На жената ѝ била укажана лекарска помош, додека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на детето.“ „По укажана лекарска помош, 34-годишната мајка синоќа била приведена и донесена во полициска управа за кривична истрага поради сомнение за сторено кривично дело тешко убиство на блиско лице“, соопшти загрепската полиција.

Потрагата продолжува утре, надежите за пронаоѓање на девојчето се сè помали
Екипите за пребарување го поминаа целиот ден денеска користејќи чамци и дронови за да ја пребаруваат реката Сава низводно од мостот Јанкомир. Темнината ја прекина потрагата, исто како и претходниот ден.

Потрагата продолжува утре, но како што одминува времето сè помалку има надеж дека девојчето ќе биде пронајдено при пребарувањето на Сава во Загреб.