Маја Богоевска е добитник на наградата „Тоде Петревски“


 

Полуписмените го киднапираа новинарството и ја унаказија новинарската професија заради лични интереси, рече новинарката Маја Богоевска добитник на локалната награда за новинарство „Тоде Петрески“ која по 19 пат се додели во Битола во чест на новинарот на Радио Скопје, дописник од Битола, Тоде Петрески, кој почина прерарно. Наградата ја установи и ја доделува локалниот „Битолски весник“. 

Богоевска денеска порача дека треба го вратиме достоинството на професијата „за еден ден, како што рече, да кажеме: Новинар – колку гордо тоа звучи! 

„Голема е честа за мене што ја добивам наградата која го слави името и делото на доајенот на битолското и македонското новинарство, Тоде Петревски, синоним за храброст, пример како треба еден новинар да се бори за вистината. Изразувам огромна благодарност до семејството на Тоде Петревски и нашиот хроничар ‘Битолски весник’. Оваа награда ја чувствувам како залог да се борам, особено против полуписмените, кои што го киднапираа новинарството ја унаказија професијата новинар заради свои лични сопстевни интереси. Да се борам во просторот каде манипулацијата со вистината е огромна – интернетот. Затоа знаењето и искуството кое сум го стекнала овие две децении, ревносно и несебично  го пренесувам и ќе го пренесувам на младите генерации“, рече  Богоевска на свеченото доделување во Битола.

Наградата беше врачена во присуство на семејство Петрески. 

Богоевска се занимава со новинарство над 20 години, како новинар во една од локалните телевизии, а до скоро и дописник за националната телевизија ТВ Сител.

Неколку години беше дописник за Радио Канал 77, како и за веб страницата Македонски медиа сервис. Од неодамна основач е на онлајн магазинот „Читај бе”.