Магла го зароби источниот дел на Скопје – лисичани не можат да видат што прават комшиите


Фото: Б. Богдановска

Македонците најмногу мразат магла затоа што не можат да видат што прават комшиите! Вака некако оди нашата досетка, а лисичани и новолисичани утрово не може да видат кој доцнел за на работа, дали децата заминале в училиште или кога некој се прибрал од корпорациската предновогодишна забава.

Маглата го имаше заробено овој дел на Скопје, утрово на Свети Никола и тоа традиционално. Ништо подобро не било ни лани!

Магла во Ново Лисиче 19.12.2024 година

Маглата е задолжителен декор во овој период од годината во овој дел на главниот град, додека оние повисоко на Водно, на Скопска Црна Гора, во Сопиште, Раштак и Трнодол беа галени од сончевите зраци.

Сонце над Трнодол

Маглата ја има таа способност да го зароби и смогот во ниските слоеви веднаш на д површината на земјата, па сите ние дишевме екстремно загаден воздух, како редовно е ситуацијата последниве денови во Lисиче, Миладиновци, Центар и Карпош, а покажуваат сите мерни станици (и оние државните на МЖСПП и оние неформалните како апликацијата IQAir).

Скопје и зимава останува при врвот на листата на најзагадени градови. Секојдневно вредностите на загаденост се неколкупати над дозволеното. Летово лисичани ги труеше Вардариште, а зимава сопственото греење, ако им се верува на студиите за потеклото на загадувањето во главниот град.

Граѓаните кои се организираа на протести за решавање на проблемот од Вардариште, а сега најавуваат протест против загадувањето што доаѓа од Цементарница „Усје“, иако секоја недела од оваа компанија која се наоѓа на границата меѓу Аеродром и Кисела Вода, практично во срцето на Скопје, пристигнуваат резултати кои покажуваат дека фабриката не загадува.  

Протестот е закажан за 25 декември, католички Божик, а дали надлежните ќе преземат нешто, останува да видиме. Последниот обид да се спречи загадувањето од пваа фабрика дојде од претходната градоначалничка Данела Арсовска која поднесе и кривична пријава, но без епилог. Сегашниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски пак сѐ уште се нема произнесено по однос на УСЈЕ, а додека беше градначалник на Кисела Вода, здушно примаше донации од компанијата. Во 2021 година садеше дрвја како донација од цементарница. 

Од Зелен хуман град пак, бараат дислокација на фабриката, а на таа тема денеска закажаа и прес-конференција.

Во меѓувреме стигнаа и мерки од надлежните, затоа што на мерните мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, надминат е прагот на алармирање. 

Мерките за заштита на воздухот секоја зима се причина за бројни соопштенија од партиите: оние од опозицијата велат задоцнето е, а оние од власта се правдаат дека така е законски. Годинава, ВМРО-ДПМНЕ која е на власт веќе втора зима, ги предлага мерките два дена по загадувањето, а претходно постојано критикуваат дека власта на СДСМ постојано доцни со препораки и конкретни мерки, дури и со предлог, законската обврска да се смени за да биде побрзо. 

Дел од активистите одамна повикуваат мерките да се воведуваат на проектирано загадување, односно да се пресретне денот на загаденост, со веќе активни мерки.   

МЖСПП со мерки за заштита на скопјани од загаден воздух 

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150  mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.

Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на PM10 на мернoто место и деновите  каде има појава на надминување на праг на алармирање.

  
Согласно настанатата состојба за мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат важат следните мерки:   

Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со
А-Интегрирана еколошка дозвола
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола
на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати
Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на
измерените податоци
Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на
возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила
Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата
Забрана на горење на отворено
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар

Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот

Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

Решение ќе бараат Ѓорѓиевски и Мицкоски

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека до крајот на годината ќе се одржи средба со премиерот Христијан Мицкоски и Министерството за животна средина за дефинирање конкретни мерки против загадувањето на воздухот.

По конститутивната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски истакна дека справувањето со аерозагадувањето повеќе не смее да биде само декларативна заложба и посочи дека веќе се вршат засилени инспекциски контроли на терен, иако тие се спроведуваат без јавен публицитет.

Градоначалникот нагласи и дека проблемот со загадувањето е присутен три децении и не може да се реши преку ноќ, но дека постои сет на мерки кои треба на долг рок да дадат резултати.

„Алтернативни горива за загревање домаќинства и она што треба следната година да го добиеме како поддршка од Владата се нови електрични автобуси и реално функционален превоз за граѓаните, за што помалку да користат автомобили“, рече тој.