МАЕИ бара од албанските власти под итно да ги прекинат активностите на фондацијата „Бугарска меморија“


Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, која ги застапува и заштитува правата на македонската заедница, побара од албанските власти под итно да ја забранат активноста на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, при тоа изразувајќи „длабока загриженост за тековните напори на бугарските власти и споменатата фондацијата да ја асимилираат македонската заедница“.

-Директно му се обраќаме најпрво на премиерот Еди Рама од кого уште еднаш бараме итна интервенција, негова и на надлежните институции да ги прекинат активностите на фондацијата „Бугарска меморија“ и нејзината криминална мрежа во областите каде што живее македонската заедница. Овие активности претставуваат сериозно мешање во внатрешните работи на Албанија, ја поткопуваат етничката толеранција и сериозно ја нарушуваат меѓузаедничката хармонија која отсекогаш била една од највисоките вредности на нашата земја, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Според него, во дописот се потсетува дека на 24 јануари 2024 година, партијата упатила писмо во кое ја изразува големата загриженост во врска со „различните методи што ги користат овие структури, вклучително и коруптивни активности и неприфатливи притисоци врз македонската заедница во Албанија“.

-Конкретно, фондацијата „Бугарска меморија“, поддржана од различни бугарски структури, е вклучена во корупција на албанските функционери преку донации, со цел да се создаде криминална мрежа која се занимава со асимилација на Македонците во Албанија, манипулација со пописните податоци во областите со македонско малцинство и издавање лажни потврди за бугарско потекло и помош во бизнисот со бугарски пасоши. За жал, и покрај нашите барања за интервенција на албанските институции за запирање на овие активности и уништување на оваа структурирана криминална мрежа, до денес не е преземена конкретна акција. Напротив, фондацијата продолжува да ги врши своите незаконски активности под премолчена заштита или отворена поддршка на државните институции, посочува Стерјовски.

Нагласува дека ситуацијата ескалирала уште повеќе, бидејќи фондацијата поднесе тужба против партијата барајќи отштета од 10.000 евра и јавно извинување за оштетувањето на нејзиниот имиџ. Првото рочиште, за овој предмет, е закажано за 18 февруари 2025 година во Основниот суд во Корча.

-Денеска оваа структурирана криминална група, вклучена во наведените незаконски активности, се обидува да влијае и на парламентарните избори на 11 мај 2025 година, со цел преку албанските политички партии да вметне свои претставници во албанскиот парламент, додава Стерјовски, образложувајќи го за МИА текстот на дописот.

Дописот е упатен и до шефот на државата, Бајрам Бегај, до претседателката на парламентот, Елиса Спиропали, до министрите за Европа и надворешни работи, Игли Хасани и внатрешни работи, Ервин Хоџа, до народниот правобранител Ерлинда Баланца, комесарот за заштита од дискриминација Роберт Гајда.

Заради запознавање со „оваа загрижувачка состојба“ и соодветна реакција дописот е доставен и до меѓународните претставници во Тирана, делегацијата на ЕУ, мисијата на ОБСЕ, канцеларијата на Советот на Европа, американската и амбасадите на земјите од Европската Унија во Тирана и секако до македонската амбасада, како и Секретаријатот на Рамковната конвенција за заштита на малцинствата во Стразбур.