Мадрид од вечерва во целосен карантин
Мадрид е првата европска престолнина што од вечерва повторно е затворена.
Ова значи дека 4,8 милиони жители на главниот град и девет околни општини нема да можат да го напуштат градот со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Поради зголемениот број случаи, Мадрид и девет други околни општини ќе бидат ставени во карантин, а ќе бидат дозволени само патувања за работа, училиште, посети на лекар или набавка на основни продукти.
Работата на баровите и кафулињата ќе се скрати од еден час по полноќ до 23 часот, објави Ројтерс.Рестораните, спортските сали и продавниците ќе можат да работат со половина капацитет.
Според регионалниот здравствен службеник Енрике Руиз Ескудер, мерките за затворање ќе започнат да се применуваат во Мадрид и деветте околни општини од 22 часот по локално време.
„Ние сме должни да го започнеме ова од денес“, рече регионалниот службеник Енрике Лопез на прес-конференцијата, извинувајќи му се на Мадрид за неизвесноста што постои во последните денови, обвинувајќи ја централната влада за тоа.
Мадрид е главното жариште во Европа со 850 заразени со коронавирус на 100.000 жители