МААЕ во нова инспекција во Иран – испитува на сомнителни локации


Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) изврши увид во втората од двете сомнителни поранешни тајни нуклеарни локации во Иран, согласно договорт постигнат со Техеран минатиот месец, со што се стави крај на застојот во инспекциите.

„Како дел од договорот со Иран за решавање на прашањата за примена на заштитни мерки наметнати од МААЕ, Агенцијата спроведе комплементарен пристап на втора локација во земјата оваа недела и зеде примероци од околината“, се вели во соопштението објавено денеска.

Примероците земени од двете сомнителни места ќе бидат испратени на лабораториска анализа. Можно е резултатите да бидат познати дури по неколку месеци.

МААЕ не откри за кои два објекти станува збор, но има сомневање дека таму се одвивале активности во 2003 година, година во која, според нуклеарниот регулатор на ООН и американското разузнавање Иран ја запре својата тајна програма за нуклеарно оружје.

Агенцијата со седиште во Виена има право на ненајавени инспекции каде било во Иран територија. Сепак, Техеран одби да им обезбеди на инспекторите на МААЕ пристап до двата сомнителни објекти во период од седум месеци, односно се до август кога двете страни склучија договор за инспекции на одредени датуми.

Одбивањето на Техеран за соработка доаѓа откако во 2018 година, американскиот претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од договорот склучен во 2015, велејќи дека треба повторно да се преговара. Од тогаш Иран постепено ги крши ограничувањата предвидени со договорот.

Нуклеарниот договор потпишан од САД, Германија, Франција, Велика Британија, Кина и Русија предвидува укинување на меѓународните санкции во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма.

Другите потписнички велат дека и покрај тоа што Техеран прекршува дел од одредбите, важно е договорот да се одржи во живот, зашто Иран ѝ овозможува на МААЕ пристап за инспекција на нуклеарните постројки.