Лудница во Словенија: Ника Превц прелета фантастични 242,5 метри и постави светски рекорд


Ника Превц

 

Словенците долго време ќе го паметат овој ден на Планица. Прво, Домен Превц ја оствари својата 14-та победа на Светскиот куп во сезоната со дури 20,1 поен повеќе од Јапонецот Рен Никаидо, а потоа дојде редот на девојките.

Ника Превц блесна на првиот официјален тренинг. Неверојатната Словенка прелета неверојатни 242,5 метри во втората серија и влезе во историјата со нов светски рекорд.

Веќе во првата серија беше јасно дека Ника е во врвна форма. Таа слета на 213 метри и убедливо ја надмина конкуренцијата, додека само три скокачки успеаја да прелетаат над границата од 200 метри.

Втората серија донесе сосема поинаква слика, дури девет од 13 скокачки прелетаа над „магичните“ 200 метри. Сепак, никој не се приближи до Словенката. Со огромни 242,5 метри, Ника Превц ја надмина конкуренцијата и постави светски рекорд.

Иако имаше сомнежи дали рекордот ќе биде признаен бидејќи станува збор за тренинг настан, Јелко Грос ги разјасни сомнежите. Тој објасни дека на леталниците важат посебни правила, а светските рекорди се признаваат дури и за време на официјалниот тренинг.