Луан Старова со нов роман „Јаничари“, дваесетта книга од Балканската сага


Во издание на Издавачки центар ТРИ неодамна излезе од печат „Јаничари“, новиот роман на академик Луан Старова.

Тој спаѓа во оние писатели чиишто дела се обележани од една тематска доследност што може да се изрази само со еден збор. Во неговиот опус тој збор е емиграција. Во најновиот роман, дваесетта книга од Балканската сага, авторот продолжува да ја следи емигрантската судбина на семејството Старова, која трае од крајот на 19 век практично до денес, во една широка историска рамка од балканските простори. Од судбина на едно семејство, темата за јаничарството станува нов клуч за објаснување на балканските судбини. Збогатувајќи го светот на својата сага, авторот му поставува нови прашања на нашето време и во името на тие што заминале и на тие што ќе дојдат.

Богатиот книжевен опус академик Луан Старова го надоврзува на својата кариера како долгогодишен универзитетски професор по француска книжевност.

За неговите книжевни дела пишувале Едгар Морен, Морис Дрион, Ален Боске, Василис Василикос, Предраг Матвејевиќ и други. Добитник е на повеќе домашни и странски книжевни награди и признанија. Неговите последни романи од Балканската сага – Враќањето на козите, Граница, Цариградски емигранти, Јаничари се објавени од Издавачкиот центар ТРИ.