Локалните избори ќе го забрзаат ребалансот на Буџетот

Поради локалните избори ребаланост на Буџетот годинава ќе биде нешто порано, кон крајот на јуни, наместо кон крајот на јули, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски. Причината е запазување на сите законски рокови и процедури, а потребата за ребаланс, тој ја објасни со проектите што ги поднесоа општините за финансирање проекти од вториот повик на Владата, како и, како што кажа, поволните макроекономски показатели во однос на растот на БДП, индустриското производство, извозот, инвестициите и сл.
„Логично е да има прераспределба во месецот кој што следи поради импликацијата врз буџетските средства како резултат на проектите кои што ги поднесоа општините за финансирање од овој втор повик. Сепак, станува збор за 15 милијарди денари основни буџетски средства, и на тоа има и кофинансирање, или вкупно околу 16 милијарди денари“, изјави денес премиерот Мицкоски во одговор на новинарско прашање при неговата посета на Штип.
Според него, тоа е логично бидејќи ваква прераспределба е неопходна за да може потоа општините да направат ребаланс во своите буџети и потоа да распишат тендер, да изберат изведувачи и да може да тргне реализацијата на проектите и од вториот повик.
„Едноставно, има законски процедури и чекори кои што мора да се исполнат“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека минатата година ребалансот на Буџетот беше поднесен при крајот на јули, откако претходно Владата беше формирана на крајот на јуни, односно на 23 јуни, а околу 25 јули предлог ребаланост на Буџетот влезе во собраниска процедура.
„Оваа година тоа ќе биде проблематично поради тоа што ќе се распишат локалните избори и ќе биде проблем и затоа најверојатно ќе биде крајот на јуни“, рече Мицкоски.
Како ќе изгледа ребалансот, односно на што ќе се крати, а каде ќе се додава, се уште не се знае. Премиерот објасни дека се уште не е направена анализа, а кога ќе се направи, ќе се излезе со предлог пред пратениците.
Според Мицкоски, она што е важно, е дека мерките на Владата давале резултати.
„Имаме дури и негативна инфлација, односно дефлација во два месеци по ред, имаме раст на индустриското производство, единствени во регионот и едни од ретките во Европа во првиот квартал оваа година, имаме позитивна бројка во делот на извозот во првото тромесечје од оваа година… Очекувам резултат кој што ќе ги натфрли проекциите од страна на меѓународните институциии во делот на растот на БДП“, рече Мицкоски, додавајќи дека и лани истите институции велеле дека ќе има раст на БДП од 1,8 проценти, кој потоа бил натфрлен за 55 отсто, односно растот на БДП лани изнесуваше 2,8 отсто.
„Има неколку параметри кои што даваат јасна слика на траекторијата во која што макроекономски треба да се движиме, најавените нови странски инвестиции, почетокот на реализација на онаа инвестиција од половина милијарда долари која што ја најавивме пред едан година, еве доаѓа јуни, очекувам крајот на јуни или почетокот на јули да бидат ставени темелите на таа инвестициија. Еден терават часови производство на електрична енергија, или 25 проценти од вкупната потреба на граѓаните. Така што, имаме неколку параметри кои што се солидни индикатори за тоа да веќе јасно можеме да ја гледаме траекторијата и тоа ќе биде опфатено во тој предлог на Буџетот кој што ќе биде доставен до пратениците“, изјави Мицкоски.