Логопедите се клучни за поквалитетен живот на лица со патологија во вербална комуникација

Комуникацијата е клучот за човековата интеракција, изјави за МИА логопедот Христина Милчевска од Крива Паланка, која по повод денешниот, Европски ден на логопедијата, 6 Март, апелира на подигнување на свеста за важноста на логопедите и нивното влијание за поквалитетен живот на лицата со патологија во вербалната комуникација.
Милчевска е специјалист, клинички логопед, во Здравствениот дом „Димитар Арсов“ во Крива Паланка и со својот ангажман активно придонесува за подобрување на квалитетот на живот на дечињата со вербални комуникациски патологии, а редовно реализира и иницијативи за важноста на превенцијата од вакви патологии.
-Според мене превенцијата е од непроценливо значење. Затоа навременото дејствување е многу важно за детето да има правилен раст и развој, а родителите доколку забележат промени кај своето дете, веднаш да побараат стручна помош. Темпото на живот денес придонесува за преголема употреба на екраните како кај возрасните, така и кај децата, и тоа за жал од најмала возраст. Токму тоа е причината за појава на нова состојба, веќе позната под поимот „екранизам“, – состојба на модерното дигитално време во кое живееме. Тоа јас слободно би го окарактеризирала како зависност зашто тој „екранизам“ може да се претвори во социјално нарушување, бидејќи децата одбиваат да комуницираат со околината поради прекумерната употреба на технологијата. Најголемата грешка што родителите ја прават е тоа што често не прифаќаат дека нивното дете има проблеми заради големата изложеност на екрани, па така во најекстремните случаи, децата со екранизам често потсетуваат на деца на спектарот аутизам, изјави за МИА Милчевска.
Најголемиот проблем кај денешната млада популација е еднонасочноста на комуникацијата т.е. екранот не бара повратен одговор, така што – не создава емотивна врска.
-Ваквата состојба трае со саати, денови, месеци и како последица на тоа, сите предуслови за уреден развој се изоставени. Екранот не воспоставува комуникација со детето, но од очај да комуницира со некого, детето почнува да комуницира со имитации на звуци или изрази од клиповите, превземајќи ја комуникацијата што ја превзема од содржините на кои е изложено. Децата што предолго се изложени на екрани почнуваат да се затвораат во себе, имаат проблем со комуникација, со говор, концентрација и слично. Токму тука е повеќе од потребна превенција, препознавање и избегнуавње на негативните работи што настанале поради прекумерно поминување време пред екрани, кое, сакале ние да признаеме или не, може да има многу поголеми последици, додава логопедот Милчевска.
Истакна дека за правилен развој на детето потребно е да му бидат активни рацете, да допира предмети, тактилно да ги осознава, да ги врти низ раце, да ги става во уста, да ги удира еден од друг, да ги фрла и сето тоа да биде следено со очите. Тоа придонесува за развој на фокус кај децата, како клучен елемент во понатамошниот развоен период.
-Децата немаат фокус, имаат нарушено внимание, делуваат отсутно, односно се во фаза на псеудо-аутизам. Како најчести и најочигледни симптоми на екранизам, последица од предолгата изложеност на детето на екрани, се задоцнет говор и јазично-говорни потешкотии, сиромашен фонд на зборови, изливи на бес, посебно при обиди да го тргнеме детето од екран. Ова носи последици на побавен когнитивен развој, потешкотии да се насочи и задржи вниманието на секојдневни активности што не се поврзани со екранот, слаба контрола над емоциите, несоодветно однесување, а говорот е најчеста причина за која родителите се јавуват, нагласи Милчевска.
Алармантна состојба, последица на отуѓеноста и изолација на децата со прекумерна употреба на екрани настанува кога, рече, за жал, ќе се јават промени во однесувањето и влегување во т.н. „свој свет”.
-Кај некои деца екранизмот се манифестира со потешкотии во воспоставување врски со другите, стануваат асоцијални, не се дружат со врсниците, се изолираат и немаат развиена игра соодветна на возраста. Кога ќе видиме дека тоа излегло од контрола, детето се повлекува во своите светови и ќошиња, или кога зборуваме – нè игнорира, не обрнува внимание на најблиското окружување и слично, тогаш ситуацијата е алармантна, апелира Милчевска.
Според неа, час поскоро треба да се превземаат и индивидуални чекори во кругот на семејствата, но и во останатите надлежни институции, како востпитно-образовни и едуактивни институции, кадешто продолжено се манифестира секоја последица од тој „екранизам“, за да не се занемари овој сериозен проблем на денешнината што во училишна возраст кај дечињата резултира со послаб училиштен успех, слаба концентрација и потешкотии во учењето, а тоа е нешто што треба сте да не подзамисли и освести.