Лога ја прогласи „ништовна“ заклетвата на Силјановска, да се повтори или Митревски да стане в.д. претседател!

Според Арбер Адеми, Силјановска го прекршила Уставот и одржала говор како за 8 Март


Кренар Лога (Фото: Б. Грданоски)

Министерот за правда Кренар Лога на својот Фејсбук профил порача дека ништовна е заклетвата на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова.

Според него, треба да се повтори постапката или функцијата да ја преземе претседателот на Собранието, Јован Митревски.

„Непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска. Или повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на Собрание), како В.Д“, вели Лога.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, по инаугурацијатаоцени дека „го прекршила Уставот при положувањето на нејзината заклетва, дека повикала на единство, а спомнала само двајца лидери на партии и не кажала ништо суштинско, особено не за евроинтеграциите.

„Изразуваме жалење за говорот на претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова. Го згази Уставот уште на прва реченица неспомнувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа. Рече време е за единство, а спомна само двајца лидери од македонскиот блок, исклучувајќи ги сите останати“, рече Адеми.

Арбер Адеми (Фото: Б. Грданоски)

Според Адеми, новата претседателка во нејзиниот говор не кажала ништо суштинско, посочувајќи дека Силјановска Давкова не се осврнала на евроинтеграцискиот процес на земјава и нејзините предизвици.

„Беше говор за 8 март, без ништо суштински, ниту се спомна НАТО и членството на Република Северна Македонија во НАТО, како и сите предизвици кои ни претстојат, ниту кажа еден збор за Европската унија и евроинтеграцискиот процес на земјава со сите предизвици кои не очекуваат. Не кажа ниту збор за негувањето на меѓуетничките односи, ниту за Преспанскиот договор, ниту за Договорот за добрососедство со Република Бугарија, ниту за уставните измени“, рече Адеми.

Вели во говорот не недостасувале апострофирања на жени лидери кои и честитале за изборот и потенцираше дека честитката на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, намерно не била спомената во нејзиниот говор.

„Намерно не ја спомна честитката на претседателката на Република Косово за нејзиниот избор, иако не недостасуваа апострофирања на жени лидери кои и честитаа за изборот. Со првата нејзина реченица веќе создаде криза помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција“, подвлече Адеми.

Во кампањата која ја водеше под слоганот „Македонија повторно горда“, Силјановска -Давкова говореше дека придавката „Северна“ нема да ја користи, но ќе стои пред табла со новото уставно име. Таа имаше изјавено и дека е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, но доколку Собранието донесе таква одлука ќе ја почитува, бидејќи Собранието е уставотворен орган. До граѓаните порачуваше дека треба да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, а Преспанскиот договор за неа, како што велеше, е политички и правно отворено прашање.