Љубов на далечина: Илина на Игор се пресели во Америка


Македонската ликовна уметница, скијачка и планинарка, Илина Арсова сподели дека добила престижна стипендија за докторски студии и инструкторска позиција на Универзитетот од Тенеси.

„Испраќам мал поздрав од Ноксвил, Тенеси до сите пријатели и фанови. Досега не стигнав официјално да споделам дека добив престижна стипендија за докторски студии и инструкторска позиција на Универзитетот од Тенеси“, напиша Арсова на Инстаграм.

Исто така, таа им се заблагодари на најблиските и на нејзиниот долгогодишен партнер, актерот Игор Џамбазов, за целата поддршка.

„Оваа одлука не беше лесна во поглед на љубовта и фамилијата која ми недостига во секој миг. Сепак, овој мој нов Монт Еверест беше долго на листата, па еве му дојде редот“, сподели нашата планинарка.

Арсова потсети на тоа дека „знаењето е нашето најголемо богатство“ и им порача на нејзините следбеници да не престанат да учат нови работи и вештини.

Во март, Делегацијата на Европската Унија во Скопје ја прогласи Арсова за „Европска жена на годината“. Свеченото доделување на наградите се одржа во Даут-пашиниот амам во присуство на амбасадорите и првата дама г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска.

Илина беше претставена од страна на амбасадорката на Германија, Анке Холштајн. Покрај неа, во изборот учествуваа и докторката Маја Мојсова-Мијовска – претставена од амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ; претприемачката Наталија Бургиева – претставена од амбасадорот на Европска Унија, Дејвид Гир; режисерката Дина Дума – претставена од амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон; директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими – претставена од амбасадорката на Романија, Моника Аксинте.

 

„Го одбележуваме Меѓународниот ден на жената со оддавање почит на пет извонредни жени кои покажаа дека само небото е граница во остварувањето на соништата, во работењето за општо добро. Нивните приказни се инспиративни. Ги кршат предрасудите. Тие докажуваат дека полот нема врска со способноста. Или дека капацитетот и посветеноста немаат пол“, изјави во таа пригода амбасадорот Дејвид Гир.