Љубе Трпески: Како ја сочувавме и како треба да ја чуваме стабилноста на денарот
Денес банките се во далеку подобра положба, тие се високо ликвидни институции, девизните резерви на Народната банка се на такво ниво што со нив се обезбедува не само сигурност на заштедите туку и стабилност на денарот
Професорот Љубе Трпески сигурно е една од најповиканите и најкомпетентните личности кај нас кој може да зборува за домашната валута – за предизвиците низ кои минуваше денарот за да се сочува неговата стабилност која стана еден вид национално добро.
Повозрасните паметат како изгледаше животот со висока инфлација и кога девизниот курс секојдневно се менуваше, кога вредноста од утрината често не издржуваше до пладне, кога уличните продавачи на девизи без страв (и срам) мафтаа со полни раце банкноти на најпрометните крстосници пред минувачите и возачите…
Во долгата професионална кариера професорот Трпески беше гувернер на Народната банка на Македонија, од 1997 до 2004 година, а претходно и претседател на Комисијата за хартии од вредност во времето кога се поставуваа темелите на Македонската берза, министер и потпретседател на македонската влада и се разбира, неговата примарна професија – универзитетски професор на Економскиот факултат при УКИМ со фокус на монетарната политика, монетарните системи, парите, банките…
Еве што вели за Независен.мк професорот Трпески за некои од најпредизвикувачките моменти во неговата кариера поврзани со стабилноста на денарот и за поуките како треба да се однесуваме кон нашата национална валута. Особено денес кога сред корона кризата знаат да се појават од време на време шпекулации кои можат да нанесат штета.
Еве што вели професорот Трпески:
– Нашата земја од осамостојувањето до денес минувала низ многу турбулентни периоди предизвикани главно од надворешни фактори кои предизвикувале потешкотии во економијата. Економските субјекти, многу често, се соочуваа со огромни проблеми своите производи да ги изнесат на странските пазари, заради затвореноста на границите наметната однадвор.
Да го споменеме затворањето на границата од нашиот јужен сосед и ембаргото што го спроведе спрема нашата земја, па санкциите на меѓународната заедница спрема нашиот северен сосед и затвореноста на нашата северна граница, која го оневозможуваше извозот кон земјите од ЕУ, нашиот најголем трговски партнер.
Таквите услови на стопанисување создаваат плодно тло за банкарска паника.
Во времето кога јас бев на чело на НБМ (мај 1997 – мај 2004), со таква појава се соочивме на два пати. Во 1999 година и во 2001 година.
Пролетта 1999 година Македонија беше преплавена од бегалци од Косово. Да се потсетиме само на огромните кампови во Стенковец и Чегране кои секојдневно ги посетуваа политичари од цел свет, се сликаа со бегалците, ветуваа помош и, си заминуваа. Населението крајно вознемирено, нагло почна да ги повлекува своите девизни заштеди од банките.
Во тоа време нашите банки 90 отсто од девизните депозити ги чуваа во странски банки. Но, проблем настана во неможноста да ги повлечат од странските банки и да ги донесат дома, бидејќи во тоа време двата аеродроми беа затворени, заради бомбардирањето врз нашиот северен сосед.
За два дена банките ја потрошија сета готовина во девизи што ја имаа, третиот ден ја потрошија и готовината во девизи и од НБМ. Се соочивме со ситуација ако за еден ден не се донесат поголеми количини парични средства од странство, банките да ги затворат шалтерите и да настане банкрот на целиот банкарски систем.
Во таа трка со времето, единствено решение беше Солунскиот аеродром, таму да се донесат девизите од Германија и од таму со специјално возило да се донесат во НБМ. Но, што ако само еден ден царинските служби во Грција ја задржат пратката?
Во очај му се јавив на тогашниот гувернер на Централната банка на Грција, Лукас Пападемос, не само извонреден стручњак туку и човек, универзитетски професор, и му ја објаснувам ситуацијата. Ми даде цврсто ветување дека царинските служби на Солунскиот аеродром веднаш штом пратката ќе пристигне ќе овозможат да се транспортира за Скопје.
И така, третиот ден од настанувањето на банкарската паника, во доцните вечерни часови девизите стигнаа во трезорот на НБМ и потоа цела ноќ се разнесуваа по банките низ Републиката. Паниката траеше уште два дена и кога се уверија штедачите дека парите им се тука, престанаа да ги подигнуваат од банките.
Има еден настан што се случи во една банка тогаш, кој јас им го предавав на студентите како пример за тоа колку е тенка линијата на довербата на населението во банките. Едо момче со книшка од мајка му и со полномошно од неа ја подигнува сета заштеда на шалтерот во една банка. Службеничката му ја исплатува и кога момчето ги видел парите, се јавува по телефон на мајка му и, ѝ кажува дека му ги исплатиле парите. Потоа се обраќа кон службеничката на шалтерот и ѝ вели – мајка ми рече да ги вратам парите во банкава.
Втората слична ситуација беше во 2001 година. Да не објаснувам што се случуваше во нашата земја тогаш, но тогаш ситуацијата беше полесна затоа што и банките и НБМ беа поспремни и поискусни, а и аеродромите не беа затворени.
Сето ова го кажувам, за да ги уверам сите оние кои се сомневаат во сигурноста на нивните заштеди во банките, дека денес банките се во далеку подобра положба во споредба со погоре опишаните години, дека тие се високо ликвидни институции, дека девизните резерви на Народната банка се на такво ниво што со нив се обезбедува не само сигурност на заштедите туку и стабилност на денарот.
Во овие тешки моменти предизвикани од пандемијата со Ковид-19, кога лекарите и другиот медицински персонал прават натчовечки напори да спасуваат човечки животи треба сите ние да се однесуваме одговорно како нив.
Посебна одговорност во вакви ситуации имаат новинарите, со нивното објективно информирање. Настојувањето на некои новинари и портали со пласирање на шпекулации за состојбите во банкарската и монетарната сфера, верувам несвесно, нанесуваат огромни штети по економијата и ја отежнуваат работата на монатарната власт да ја одржи стабилноста на валутата и ниската инфлација.
Секој во својата професија да го следи примерот на лекарите. Така многу полесно ќе се справиме со ситуацијата во која се најде целиот свет, вели за независен.мк, проф. д-р Љубе Трпески.