„Ливањското сирење“ доби заштитено географско потекло
Брисел – Европската комисија донесе одлука со која босанското „Ливањско сирење“ е вклучено во Регистарот на ЕУ на производи со заштитено географско потекло.
„Ливањското сирење“ е тврдо полномасно сирење произведено од кравјо или овчо млеко или пак од мешавина од двете во регионот на босанскиот град Ливно. Тоа се карактеризира со слаткаст вкус, но со текот на времето станува пикантно.
Специфичната арома на ова сирење се должи на локалните ароматични билки кои растат во регионот под влијание на мешавината на медитеранска и континентална клима. Пасејќи ги овие билки кравите и овците ја пренесуваат нивната специфична арома на млекото што го даваат, од кое потоа се произведува „Ливањското сирење“ со својот карактеристичен вкус.
Ова сирење има традиција на производство во реонот на Ливно подолга од еден век.
Со одлуката на ЕК, отсега под брендот „Ливањско сирење“ ќе може да се продаваат само сирењето произведени од реонот на Ливно, врз основа на традиционалните методи што се пренесуваат од колено на колено.
„Ливањско сирење“ станува 3.639-от земјоделски производ во Регистарот на ЕУ на производи со заштитено географско потекло.