Ликот на Данела Арсовска се појави на иконскиот Насдак тауер на Тајмс Сквер во Њујорк


Фотографија на поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, беше прикажана на познатиот Кулата Насдак (Nasdaq Tower) на Тајмс Сквер во Њујорк, во рамки на одбележувањето на отворањето на тргувањето на пазарот на капитал Насдак (Nasdaq Capital Market).

Арсовска на својот Фејсбук профил појасни дека станува збор за признание за нејзиниот ангажман како член на работната група на B20 USA, во рамки на процесот поврзан со Г20, која работи на креирање приоритети и препораки за унапредување на глобалниот економски раст.

„За мене е посебно признание што сум претставена на кулата Насдак во Њујорк, Тајмс Сквер, за време на отворањето на ѕвоното на пазарот на капитал Насдак, со што се признава ангажманот на членовите на работната група Б20 на САД од Г20 во обликувањето на приоритетите и препораките за унапредување на агендата за глобален економски раст“, напиша Арсовска.

Повод за претставување на тимот чиј дел е и Арсовска, беше церемонијата на отворање на берзата, на која претставникот на B20 USA, Кевин Брејди, го означи почетокот на тргувањето со традиционалното ѕвоно на Насдак. Настанот е дел од активностите во пресрет на B20 Summit во Вашингтон, кој треба да се одржи во ноември што го одразува и колективниот придонес кон препораките за политиката на Комуникето на Г20 за економски раст, инвестиции, иновации, конкурентност и глобални пазари на капитал, вели Арсовска.

„Горди сме што сме препознаени во живо на иконската кула Насдак за време на отворањето на пазарот на капитал, моќен симбол на глобалните лидери што се здружуваат за да ја обликуваат иднината на економскиот раст. Чест е да ја претставуваме нашата работна група Б20 САД за економски раст на една од највидливите сцени во светот за бизнис, капитал и иновации“, напиша Арсовска.

Инаку Арсовска пред дав дена се пофали дека станува дел од работната група за економски раст на Б20 и Г20 за 2026 година во Соединетите Американски Држави. Таа истакна дека ѝ претставува огромна чест да придонесе со својата експертиза на една од највлијателните светски платформи за јавно-приватен дијалог и креирање глобални економски политики.

​Изразувајќи благодарност за укажаната доверба, Арсовска нагласи дека со нетрпение очекува да соработува со истакнати политички и бизнис лидери од различни индустрии и континенти. Во текот на следната година, заедно со Американската стопанска комора и меѓународни експерти, таа ќе работи на развој на стратешки препораки кои ќе бидат дел од официјалното коминике на Б20, кое го претставува колективниот глас на глобалната бизнис-заедница пред лидерите на Г20.

​Како официјална деловна група на Г20, Б20 ги обединува претставниците од најголемите светски економии кои опфаќаат околу 85 отсто од глобалниот бруто домашен производ и 75 отсто од меѓународната трговија. Главната цел на платформата е унапредување на одржливиот економски раст, поттикнување инвестиции, иновации и градење поотпорни економии, а овогодинешното издание има историско значење бидејќи САД за првпат претседаваат со Б20.

Насдак тауер е иконски седумкатен цилиндричен LED дисплеј кој се наоѓа на Тајмс сквер во Њујорк. Официјално е дел од берзата Насдак, дебитираше на 1 јануари 2000 година и располага со 10.000 квадратни метри премиум простор за брендирање.