Лидерот на коруптивната мрежа во скандалот ЕУ-Катар, Италијанецот Панцери, се согласил да каже сѐ

Во договорот со белгиските обвинители поранешниот европратеник ќе треба да добие помала затворска казна. Италија ќе ја екстрадира неговата ќерка во Белгија


Пјер Антонио Панцери

 

Наводниот лидер на криминалната мрежа вмешана во корупциски скандал во ЕУ се согласи да открие кои земји биле вмешани и како функционирала.

Обвинителите рекоа дека Пјер Антонио Панцери се согласил со договорот за признавање вина според законот за доушници користен само еднаш претходно во Белгија.

Поранешниот пратеник во Европскиот парламент е еден од четворицата осомничени кои се притворени во Белгија.

Тие се осомничени за примање мито од Катар и Мароко во замена за влијание врз парламентот во Брисел.

Катар категорично негираше дека се обидел да стекне влијание преку подароци и пари, додека Мароко исто така силно ги отфрли наводите дека барал влијание врз прашања како што се правата за риболов и спорниот статус на Западна Сахара.

Четворицата осомничени беа обвинети минатиот месец, откако полицијата заплени околу 1,5 милиони евра во готовина за време на серија рации во стан, куќа и хотел. Сликите на банкнотите од 200, 50, 20 и 10 евра беа објавени од страна на полицијата, вклучително и куфер пронајден во хотелот кој беше полн со готовина.

Меѓу другите осомничени се грчката европратеничка Ева Каили, на која ѝ е одземена улогата на потпретседател на парламентот, нејзиниот партнер Франческо Џорџи и лобистот Николо Фига-Таламанка.

Откако Панцери (67) го напушти парламентот, тој стана шеф на лоби група наречена Борба против неказнивоста. Фига-Таламанка работеше од истата зграда во Брисел за посебна невладина организација.

Според соопштението на белгискиот федерален обвинител, поранешниот европратеник се согласил на спогодбата за признавање на вината според законот направен по моделот на италијанската одредба за покајаните членови на мафијата или „пентити“ да се претворат во државен сведок.

Портпаролот рече дека се соочува со една година затвор, наместо „многу потешка затворска казна“, како и парична казна и конфискација на имот од 1 милион евра.

За возврат, од него ќе се бара да даде детали за тоа како функционирала мрежата, какви биле финансиските аранжмани со засегнатите земји и „вклученоста на познати и непознати лица во истрагата, вклучувајќи го и идентитетот на лицата кои тој признава дека ги поткупил“.

Договорот за признавање вина беше објавен еден ден откако италијанскиот суд се согласи да ја екстрадира ќерката на поранешниот европратеник, Силвија Панцери (38), под сомнение дека е вмешана во скандалот.

Истиот суд во северниот град Бреша минатиот месец пресуди дека сопругата на Панцери, Марија Колеони, исто така може да биде екстрадирана, но највисокиот апелационен суд на Италија ќе донесе конечна одлука за нивниот случај. Двете жени во моментов се во домашен притвор и ги негираат наводите за корупција и перење пари.

Грчката европратеничка Ева Каили, која исто така негира вмешаност во случајот, е осомничена заедно со другите за земање мито од Катар во замена за влијание врз креирањето политики на ЕУ.

Нејзиниот партнер Франческо Џорџи минатиот месец ја признал својата улога во аферата.

Сепак, упатувањето на Панцери на непознати лица во рамките на истрагата сугерира дека треба да се појават повеќе откритија.

Белгиските обвинители веќе се обидоа да го укинат имунитетот на уште двајца европратеници од левиот центар, Белгиецот Марк Тарабела и Андреа Козолино од Италија.

Адвокатите на двајцата европратеници негираа дека имале каква било улога во скандалот, но барањето се разгледува од Комисијата за правни прашања на парламентот. (Според агенциите)