Лидерите на ЕУ усвоија „документ“ место заклучоци за Украина


Лидерите на земјите членки на Европската унија на денешниот специјален Европски совет не постигнаа консензус за предложените заклучоци за поддршка на Украина, откако со нив не се согласил унгарскиот премиер Виктор Орбан. 

Во усвоената официјална верзија на заклучоци во само три точки се посочува дека членовите на Европскиот совет имале размена на мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека на прашањето за Украина ќе се навратат на својот следен состанок.

– Европскиот совет разговараше за последните случувања во однос на Украина, се наведува кусо во документот, при што се додаваа дека предложените заклучоци за усвојување биле „цврсто поддржани од 26 шефови на држави или влади“. 

Поради ветото на Орбан, овие предлози за Украина не се вклучен во официјалните писмени заклучоци од Самитот, туку само се приложен како посебен текст под ознаката „документ ЕУ 10/25“. 

На самитот лидерите на сите земји-членки, освен Унгарија, ја повторија својата силна поддршка за Украина и ја истакнаа потребата руската агресија да заврши со сеопфатен, праведен и траен мир.

„Од почетокот на војната, Европската унија и нејзините земји-членки ја истакнаа, заедно со партнерите и сојузниците, потребата да се стави крај на неа преку сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право“, се вели во документот (заклучоците) што ги усвоија лидерите на 26 земји-членки, сите освен унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Европскиот совет ја потврдува својата континуирана и непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“, се вели во текстот.

Заклучоците ги повторуваат претходните позиции на ЕУ дека за Украина не може да се разговара без неа, дека не може да има дискусија за европската безбедност без да се вклучи Европа и дека трансатлантската, глобалната безбедност, како и безбедноста на Украина и Европа, се меѓусебно поврзани.

Потоа, дека секое примирје или прекин на огнот е прифатливо само ако е дел од процес кој води кон сеопфатен мировен договор, дека секој таков договор мора да биде придружен со силни и веродостојни безбедносни гаранции за Украина кои ќе придонесат за одвраќање на идната руска агресија.

Се нагласува посветеноста на ЕУ за продолжување на зголемената политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ и за зголемување на притисокот врз Русија, вклучително и дополнителни санкции и зајакнување на имплементацијата на постоечките мерки, со цел да ја ослабне нејзината способност да ја продолжи својата агресивна војна.

Лидерите го повикаа Советот на ЕУ да работи брзо на иницијативата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност за да обезбеди дополнителна воена помош за Украина.

Европскиот совет ја изразува подготвеноста на земјите-членки да придонесат за безбедносните гаранции за Украина во согласност со нивните можности.

„Безбедносните гаранции треба да се преземат заедно со Украина, како и со истомислениците и партнерите во НАТО“, се вели во заклучоците.

Во текстот е вметнат и условот на Словачка  за откажување од правото на вето.

„Европскиот совет ги повикува Комисијата, Словачка и Украина да ги интензивираат напорите за изнаоѓање изводливи решенија за прашањето за транзитот на гас, земајќи ја предвид загриженоста изразена од Словачка“, се вели во текстот.

Во заклучоците посветени на европската одбрана стои дека Европа мора да стане посуверена, поодговорна за сопствената одбрана и подобро опремена да дејствува и самостојно да се справува со непосредните и идните предизвици и закани во услови кога руската агресија врз Украина и нејзините последици по европската и глобалната безбедност претставуваат егзистенцијален предизвик за Европската Унија.Во овој контекст, како што се потенцира, Европската Унија ќе го забрза мобилизирањето на потребните инструменти и финансии со цел да ја зајакне својата безбедност и ги заштити своите граѓани.  

“ Унијата ќе ја зајакне својата севкупна одбранбена подготвеност, ќе ги намали своите стратешки зависности, ќе ги надмине празнините во критичните способности и соодветно ќе ја зајакне европската одбранбена технолошка и индустриска база, така што ќе биде во позиција подобро да се снабдува со опрема во потребните количини и со забрзано темпо. Ова, исто така, ќе придонесе за зајакнување на европската индустриска и технолошка конкурентност“, посочуваат лидерите на ЕУ. 

Во текстот натаму се посочува дека Европскиот совет ја нагласува потребата од значително продолжување на зголемувањето на трошоците за безбедноста и одбраната на Европа и ја повикува на Европската комисија да истражува понатамошни мерки со кои на земји членки ќе им овозможи полесно обезбедување на поголеми трошоци за одбраната, притоа обезбедувајќи одржливост на долгот. 

Лидерите, исто така, ја повикуваат ЕК да предложи дополнителни извори за финансирање за одбраната на ниво на ЕУ и го поздравува нејзиниот предлог за нов инструмент со што на земјите членки ќе им се обезбедат заеми поддржани од буџетот на Унијата во износ до 150 милијарди евра. 

Nuk mund të ketë asnjë lloj negociate për Ukrainën pa pjesëmarrjen e Kievit, thuhet në tekstin e propozim-konkluzioneve të Këshillit e sotëm të posaçëm Evropian në Bruksel, kushtuar mbështetj

Во заклучоците се поздравуваат плановите на Европската инвестициска банка за засилување на поддршката за европската безбедносна и одбранбена индустрија и се нагласува важноста од мобилизирање на приватното финансирање во овој сектор. 

Европскиот совет ја нагласува потребата од одбраната на сите копнени, воздушни и поморски граници на ЕУ, посебно на источната, имајќи ги предвид заканите што доаѓаат од Русија и Белорусија, како и важноста од заеднички набавки за потребите на одбраната со цел намалување на вкупните трошоци и обезбедување стандардизација и интероперабилност и од поедноставување на правната и административната рамка за јавните набавки. 

„ Европскиот совет, исто така, потсетува дека посилна и поспособна Европска унија во областа на безбедноста и одбраната позитивно ќе придонесе за глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна со НАТО, кој останува, за оние држави кои се негови членки, основа на нивната колективна одбрана. Тој ги поканува земјите членки кои се исто така сојузници на НАТО да се координираат пред Самитот на НАТО во јуни 2025 година. Европскиот совет ја нагласува важноста да се работи заедно со партнери кои не се истомисленици во ЕУ“, се додава во заклучоците. 

Во нив натаму се наведува дека ова не е во спротивност со специфичниот карактер на безбедносната и одбранбената политика на одредени членки и дека ги зема предвид интереси на сите земји од Унијата. 

„ Европскиот совет се радува на Белата книга за иднината на европската одбрана, вклучително и на дополнителните елементи и опции во неа, кои имаат за цел значително да го зголемат финансирањето на европската одбрана и да ја зајакнат европската одбранбена технолошка и индустриска база. Европскиот совет ќе се врати на ова прашање и на состаноците во март и јуни“, се додава во заклучоците за европската одбрана од денешниот специјален Самит на ЕУ.