Левица: Со нов Изборен закон власта ќе има 4 милиони евра, без него – десет милиони!
Додека пред меѓународните чинители Мицкоски и ДПМНЕ глумат дека Изборниот законик им е реформа за која многу силно се борат да се донесе, се обидуваат одговорноста за неговото недонесување да ја префрлат врз опозицијата, велат од опозициската Левица.
– Партијата која има мнозинство во Собранието, ја предводеше Работната група и го предложи текстот на законот денес глуми неутрален набљудувач кој наводно ќе прифател сѐ што ќе се договорат опозициските партии.
Власта не може истовремено да биде и предлагач, и арбитер, и жртва. Ако ДПМНЕ навистина смета дека една изборна единица е исправно решение, нека застане зад сопствените ветувања, наместо кукавички да се крие зад потребата опозицијата прво да се договори.
Црвената линија на ДПМНЕ не е една изборна единица, еднаквата вредност на секој глас или укинувањето на изборните неправди, туку гласањето на дијаспората. Наместо да ги бранат принципите што ќе создадат поправеден изборен модел, тие избраа да ја претворат дијаспората во политички штит зад кој ќе ја сокријат суштинската реформа – нагласуваат од партијата.
Дополнително смешно е што се покажа дека патетичните обиди на ДПМНЕ да се претстави како заштитник на дијаспората пропаднаа уште пред да започнат. Очекуваа патриотски аплауз, а го добија спротивното. Ни дијаспората не им поверува дека преку ова одеднаш ја откриле љубовта кон иселениците. Јавноста препознаа дека темата беше извадена во последен момент како средство за одржување на статус-квото и овој модел од коj поголемите политички партии профитираат, а штетата е на сметка на Левица и граѓаните.
И конечно, јавноста има право да постави едно многу непријатно прашање. Европската Унија обезбедува околу 4 милиони евра поддршка доколку се донесе нов Изборен законик. Но, ако тој повторно не се донесе, според постојниот модел ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВРЕДИ повторно ќе поделат околу 10 милиони евра државни средства за платено политичко рекламирање. Кога ќе се стават бројките на маса, станува многу појасно зошто некои партии се толку комотни и инсистираат процесот да пропадне – укажуваат од Левица.
Дел од судиите укажаа дека нееднаквиот третман не завршува со ограничување на медиумскиот простор, туку директно влијае врз самиот изборен резултат. Изборниот исход не може да се смета за објективен ако уште во првата фаза од изборниот процес еден учесник е ставен во нерамноправна положба и му е ускратена можноста својата политичка програма да ја претстави под исти услови како сите останати. Повредата на начелото на еднаквост не започнува со броењето на гласовите, туку многу порано – во моментот кога на еден политички субјект му се одземаат еднаквите услови за политички натпревар – објаснуваат од Левица.
– Уште позагрижувачки беше фактот што, и покрај свесноста за бројните мислења, анализи и извештаи на релевантни институции во кои експлицитно се констатира дискриминацијата, нееднаквоста и нецелисходноста на оспорените одредби, дел од судиите јавно изјавија дека сакале едноставно да останат ʼдоследни на себеʼ, односно доследни на својата претходна одлука од 2023 година. Така, доследноста пред себе, ја поставија над должноста да ја штитат уставноста. Наместо да ја преиспитаат претходната позиција во светло на новите факти, тие избраа да ја бранат сопствената непогрешливост.
Не помалку апсурдни беа и аргументите дека евентуалното укинување на спорните одредби би создало правна празнина, бидејќи политичките партии тешко постигнувале консензус за Изборниот законик. Со ваквиот пристап, дел од судиите практично признаа дека при оценувањето на уставноста не тргнуваат од Уставот, туку од политичките последици што евентуално би ги произвела нивната одлука. Уставниот суд не постои за да ја проценува удобноста на законодавецот, ниту да ја амортизира неговата неспособност да постигне политички договор, туку за да ги отстрани од правниот поредок нормите што се спротивни на Уставот – нагласуваат од партијата.
На крајот Левица укажува дека кога една парламентарна партија може со закон да биде единствена исклучена од медиумскиот простор, а дел од судиите и понатаму тоа го сметаат за прифатливо само затоа што некогаш претходно донеле поинаква одлука, тогаш не станува збор за заштита на правната сигурност, туку за опасна релативизација на уставните начела.
Од друга страна, власта обвини дека СДСМ, Левица и ДУИ намерно го опструираат донесувањето на Изборниот законик поради, како што рече, страв од изборен пораз и слаб рејтинг.
Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, иако со месеци се работело на постигнување консензус меѓу политичките партии, опозициските партии избрале да го блокираат процесот и да создадат конфузија во јавноста околу реформскиот закон.Тој оцени дека Левица го блокирала договорот за Изборниот законик за да најде оправдување за евентуален слаб изборен резултат, додека СДСМ, според него, го кочи законот со поднесување околу 10.000 амандмани и противење на електронското гласање на дијаспората.
Манасиевски посочи дека и ДУИ се приклучила кон блокадата со барање сите одлуки во Државната изборна комисија да се носат со консензус, наместо со мнозинство.
„ВМРО-ДПМНЕ јасно кажа дека ќе прифати сè што ќе договорат опозициските партии, само да се олесни начинот на гласање на дијаспората“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека со ваквиот пристап, според ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата покажува дека нејзин приоритет не се интересите на иселениците, туку партиските калкулации.