Левица: Мицкоски континуирано нѐ прогласува за економски гигант, а две минимални плати не стигаат ни за една синдикална кошничка


Фото: Б. Грданоски

Мицкоски ја прогласи Македонија под ДПМНЕ за прва или втора во регионот по економски раст, без да каже ниту кој е тој ‘регион’, ниту според која споредлива статистичка серија го добил пласманот. Последните официјални податоци за првиот квартал од 2026 година се дека во Западен балкан сме четврти од шест земји, односно, пред нас се Косово, Албанија и Србија, се наведува во соопштението на Левица.

„Манипулација е обидот една квартална стапка на раст да се продава како доказ за економска моќ. Најновите споредливи податоци на Евростат за 2025 година покажуваат дека македонскиот БДП по жител, приспособен за разликите во цените е само 43% од просекот на ЕУ, додека реалната индивидуална потрошувачка по жител е едвај 50% од европскиот просек. Значи, додека Мицкоски се прогласува за регионален економски шампион, економската активност по жител во Македонија не достигнува ни половина од европскиот просек, а материјалната благосостојба на домаќинствата е на само половина од него.

А вистинската економска состојба вчера ја објави ССМ. На едно семејство му се потребни 68.675 денари месечно само за минималната синдикална кошничка, а со кирија трошокот достигнува 84.050 денари. Последната официјална просечна нето-плата е 49.544 денари, а минималната е 26.046 денари. Значи, една просечна плата не обезбедува ни минимален семеен живот, а две минимални плати заедно се 52.092 денари – цели 16.583 денари помалку од кошничката. Во европската економска сила, двајца во семејството можат да работат цел месец за минималец и повторно да немаат доволно за минималните трошоци на семејството.

За сите странски инвестиции со кои сакаат да се пофалат и цела економија да ја свртат кон тоа, се зборува во идно време. Реалноста и сегашноста е дека три фабрики од странските инвестиции затворија и отворија нови погони во други држави. Во исто време, свесно се туркаат јавните претпријатија во долгови наместо од нив да се направат реални двигатели на економијата.

А кога веќе градежништвото се претставува како “мотор на новата економија“, вреди да се потсети дека Македонија според пописот има 307.187 празни станови од вкупно 839.174, односно повеќе од една третина од целиот станбен фонд. Во држава полна со празни станови, домот за младо семејство станува сѐ понедостижен. Народот, младите се селат од Македонија додека ДПМНЕ на градежниот сектор му дозволува дивеење.

Затоа, Мицкоски може уште сто пати да се прогласи за прв, втор, трет или топ пет во Европа и светот, но ниту едно место на неговите измислени подиуми нема да ја наполни празната кошничка. Економија во која една просечна плата не ги покрива минималните семејни трошоци, две минимални плати не се доволни за нормален месец, третина од становите се празни, а фабрики го селат производството надвор е далеку од економско чудо во позитивна смисла. Тоа е држава во која Владата напредува само во статистиката што сама си ја избира, додека народот назадува при секоја сметка што мора да ја плати“ се вели во соопштението на Левица.