Левица ги објави носителите на кандидатските листи


 

Прва официјално го претстави кандидатот за претседател и сега прва ги претставува официјално носителите на листите за изборните единици.

Левица ги објави носителите преку социјалните медиуми.

Во Првата изборна единица носител на листа е претседателот на партијата, пратеникот Димитар Апасиев, во Втората изборна единица е портпаролот на партијата Амар Мециновиќ, во Третата изборна единица актуелниот пратеник Борислав Крмов, во Четвртата изборна единица Сашко Јанчев, советник во Гевгелија, во Петата изборна единица Јована Мојсоска, генерален секретар на партијата, додека во Шестата изборна единица прв на листата за парламентарните избори е Игор Димески, советник во Општина Центар. 

Покрај фотографиите на носителите стои слоганот слоганот на кампањата на Левица: „Гласај за да се прашува Македонецот!“

Денеска реагираше нејзниот претседателски кандидат Билјана Ванковска на фактот што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова со потписи од 30 пратеници, а не со собраните, наводно 28.000 потписи на граѓаните.

„Досега чекав официјален став од ВМРО-ДПМНЕ, па не реагирав. Таков нема досега, нема демант ниту од кандидатката, а медиумите ја пренесуваат веста дека кандидатурата на проф. Силјановска е само со потписите на пратениците, а се повикуваат на извори во ДИК“, напиша Ванковска на Фејсбук.

„Штета што прочка помина, зошто сега ќе мораа да бараат прошка од оние наводни 25.000 граѓани кои се потпишуваа за претседателска кандидатура, а чии потписи завршија на буниште. Не разбирам како е можно ‘голема’ и ‘народна’ партија да си дозволи луксуз од процесот на собирање потписи да направи шоу за еден ден, да натера луѓе да чекаат дисциплинирано во редици пред канцеларии на ДИК или кај нотари… Чуму? Како е можно она што беше опишано како ‘човечки и граѓански пркос’ и давање легитимација одеднаш да стане неважна дребулија во процесот на кандидирање зад кој сега наводно стојат само пратенички потписи? Велам наводно, бидејќи уште сакам да верувам дека она на 3 март не бил само обичен политички блеф и спектакл“, напиша Ванковска.