Летото не ја „олади“ инфлацијата
Прашањето не е дали Владата ќе ги распознае жариштата, туку дали ќе има воља да ги насочи мерките кон вистинските причини за инфлацијата

Инфлацијата во јули оваа година се искачи на 4,8 отсто годишно, а 1,1 на месечно ниво, поттикнувајќи ги повторно стравувањата дека битката против овој невидлив данок на стандардот е далеку од добиена. Она што загрижува е што инфлацијата повторно доби на динамика во летните месеци, кои традиционално придонесуваа за смирување на цените, односно за „ладење“ на инфлацијата бидејќи на пазарите има изобилство прехранбени производи по пониски цени во однос на истите вон сезоната. Овој пат, се чини дека цените на храната (барем во јули) не беа генератор на порастот на инфлацијата, туку општата потрошувачка и услугите. Во отсуство на конкретни владини мерки, освен оние за училишен прибор, граѓаните стравуваат дека може да биде и полошо, бидејќи допрва доаѓаат месеците кога се троши „на големо“, како за учениците, така и за подготвување зимница, за греење…
Како што се посочи Државниот заавод за статистика, повисоката инфлација во јули 2025 година, во однос на јуни 2025 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот кај Транспорт за 9,9 отсто, Рекреација и култура за 2,1 отсто, Ресторани и хотели за 1,2 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,7 отсто, Здравје, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,3 отсто и Облека и обувки, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,1 отсто.
Значи, прехранбените производи, односно онаа група производи кон која беа насочени мерките за ограничување на маржите во почетокот на годината, не се покажа како причина за зголемување на трошоците за живот (преку кои кај нас се мери стапката на инфлација) иако, на годишно ниво, односно јули оваа година, во однос на истиот месец лани, тие стапки остануваат прилично високи. Така, кај храната и безалкохолните пијалоци порастот на годишно ниво е 6,8 отсто, а слично е и кај алкохолните пијалоци, тутунот и наркотиците, за 5,6 отсто, потоа кај мебелот покуќнината и редовното одржување во домаќинствата за 5,1 отсто, а рекреацијата и културата за 6,6 отсто.
Коментирајќи ги најновите трендови кај инфлацијата, универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски денеска на неговиот профил на Фејсбук напиша дека ваквите ссостојби се резултат најмногу на економските политики, особено на фискалните.
Тој исто така нагласи дека годишната стапка на инфлација која во јули достигна превисоки 4,8% се забрзува бидејќи, посочувајќи дека во мај беше 3,3 отсто, а во јуни беше 4,5 отсто. Слична динамика има и просечната годишна инфлација која достигна 4,0% и забрзува од 3,7%, 3,8% и т.н.
„Тоа најмногу е резултат на економските политики, особено фискалните (високи и континуирани дефицити и влошување на структурата на буџетската и воопшто јавната потрошувачка што предизвикуваат забрзана лична потрошувачка) и монетарните (реални каматни стапки што се многу блиски до номиналните и предизвикуваат забрзана инвестициска потрошувачка) што во целиот свет (разочарувачки!) но и кај нас (исто така!) некаде од 2010/2011 година се постојано експанзивни и погрешни. Сега жртви на тоа се сите“, вели Поповски.
Според него, десничарските влади што доминираат во светот (и кај нас) се заведени (и кај нас) од мислата на ултралевичарите дека решението е во нивниот директен интервенционизам преку контрола и максимизација на цените, тарифите, трговските маржи, трговските и производителски профити, па дури и уредби за намалување на цените со владини наредби и слично. Тотално на погрешен колосек.
„Ефектот многу брзо ќе биде повторно зголемена инфлација, а таа ги погодува граѓаните што се во групата на најсиромашните 1/4 од населението па дури и во групата на посиромашните 2/3 од населението што се најбројна структура во општеството. Затоа најдобро ќе биде веднаш и сериозно да се активираат стандардните пазарно ориентирани антиинфлациски инструменти на фискалната и монетарната политика (тие се познати) со носење на мерки (исто така познати) за индиректна контрола на инфлацијата. Тоа не е лесно и без последици, а некои високи политичари инстант ќе станат (и останат) непопуларни, но тоа е цената на таа јавна професија. Подобро сега да се направи тоа со помали последици, отколку подоцна со поголеми и пострашни последици. Миле Паника би рекол: ‘И то!’“, заклучува Поповски.
Од друга страна, пак институтот за економски политики „Фајнанс тинк“ во опсежна анализа објавена на нивната интернет страница за причините на инфлацијата кај нас заклучува дека цените на храната веќе не ја подгреваат инфлацијата, туку дека таа сега е резултат на засилена домашна побарувачка и високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. „Фајнанс тинк“ смета дека наместо широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања.
„Притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка, високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Затоа, носителите на политиките треба да се повлечат/воздржат од интервенции кај цените на храната – кои се покажаа како краткотрајни и реверзибилни – и да преминат кон политики што ја стабилизираат побарувачката, ги вкотвуваат инфлациските очекувања и спречуваат прелевање на ценовните зголемувања преку услугите“, се вели во Ставот за движење на цените на „Фајнанс тинк“.
Дека инфлацијата и натаму е проблем може да се заклучи и од соопштението на Советот на Народната банка од 1 овој месец, каде што се наведува дека основната каматна стапка на нашата централна банка постанува непроменета и дека инфлацијата, иако забавила, сепак е над очекувањата.
Ден-два претходно, на седница Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на НБ беше одлучено каматните стапки да бидат непроменети, односно каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно, со што како што се наведе, се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика.
„Во услови на стабилен девизен пазар, движењето на инфлацијата и натаму е во центарот на вниманието и треба внимателно да се следи. Имено, во јуни 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 4,5%. Забрзувањето на годишната стапка на инфлација главно произлегува од повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт“, посочија од Народната банка.
Истовремено, цените во рамките на енергетската компонента на инфлацијата и во јуни бележеа пад на годишна основа, но поумерено во споредба со мај. Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост. Од друга страна, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока.
„И покрај тоа, неизвесноста околу идната динамика на цените на примарните производи на берзите е висока поради геополитичките тензии, позатегнатите трговски политики и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката“, велат од Народната банка.
Владата, се чини, и натаму нема решение за порастот на трошоците на живот. Од една страна Синдикатите притискаат за зголемување на минималната плата, а од друга Владата тоа вешто го ескивира. Но, за разлика од цврстиот и непопустлив став кон вработените со минимални примања, политиката на Владата е сосема поинаква кон пензионерите, каде што, покрај зголемувањето од 5.000 денари линеарно во првата година од нејзиниот мандат, сега повторно наместо усогласување со порастот на инфлацијата и на платите, се применува линеарниот принцип на зголемување на пензиите.
Од Владаат подолго време го одложуваат носењето конкретни мерки кои ќе стават ред во дивеењето на цените, образложувајќи го тоа со подлабински анализи. Исто така се уште ја нема долго најавуваната потрошувачка кошница, која треба да даде (според владиното толкување) пореален пресек на трошоците во однос на синдикалната потрошувачка кошница, која пак, како што се вели во вчерашнот обраќање на ССМ до јавноста и пратениците, за една година се зголемила за над 6.000 иденари.
„Од јануари 2024 година кога истата изнесуваше 57.163 денари, до јануари 2025 година кога истата изнесуваше 63.252 денари, е зголемена за 6.089 денари, а по завршување на мерките на Владата истата е зголемена за дополнителни 2.202 денари или на едно семејство му недостасуваат околу 150 евра за овозможување на најосновните услови за живот“, велат од ССМ.
Денеска, министерот за економија Бесар Думиши, ги повика трговците, производителите и дистрибутерите на средба за цените на прехранбените производи. Како што информираше, ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив да се однесуваат соодветно. Во спротивно, најави, Владата ќе воведе ригорозни мерки.
Состојбите на пазарот, за жал покажуваат дека со мерки или без нив, инфлацијата си го наоѓа патот. Или, пак, станува збор за „пукање“ во погрешна мета, бидејќи како што укажуваат и економистите, причините за инфлацијата треба да се бараат и на други места. Прашањето не е дали Владата ќе ги распознае таквите жаришта, туку дали ќе има воља да ги насочи мерките кон вистинските причини за инфлацијата. Во спротивно, може да биде полошо. Ако летово не ја „олади“ инфлацијата, тоа уште помалку ќе го направи есента или зимата.