Лекорни ја суспендира контроверзната пензиска реформа на Макрон

Францускиот премиер Себастијан Лекорни денеска објави дека ја суспендирал контроверзната пензиска реформа на претседателот Емануел Макрон, со што се одложува планираното зголемување на возраста за пензионирање на 64 години до јануари 2028 година, јави ДПА.
Нацрт-буџетот беше презентиран на денешниот прв состанок на кабинетот на новата влада, со проектирана цел за намалување на буџетскиот дефицит од очекуваните 5,4 отсто оваа година на под пет отсто следната година, наведе портпаролката на владата Мод Брежон, пренесена од германската агенција.
Соочен со тешка битка да ги преживее најмалку двете закажани гласања за недоверба во текот на оваа недела, Лекорни денеска се соочи со пратениците во парламентот како последен обид да создаде услови за усвојување на намален буџет за 2026 година.
Претходникот на Лекорни, Франсоа Бајру, беше отстранет поради предлог-буџетот. Макрон имаше пет премиери за помалку од две години.
Франција е заглавена во политички ќорсокак откако на предвремените избори што ги распиша Макрон во средината на 2024 година ниту еден политички табор не освои мнозинство, а парламентот не можеше да се согласи за буџет за намалување на дефицитот.