Лекарката од Битола побарала 100 евра од ресенчанец за операција на перде на очите


 

ОЈО Битола со соопштение до јавноста потврдува дека очната лекарка од Битола со иницијали И.Д. (67) години зела мито од пациент за да изврши операција на перде на очите. Настанот се случи вчера пред крајот на работното време, кога лекарката била затекната со обележаните пари.  

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

„Осомничената, доктор – офталмолог при ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ Битола, побарала од лице од ресенско подарок во износ од сто евра за да изврши службено дејствие кое што секако би морала да го изврши, односно да изведе операција – отстранување на катаракта кај сопругата на пријавителот.

На 16 јули, таа го повикала пријавителот на одделението за офталмологија во болницата за да ги земе парите и да закажат операцијa. Тој ѝ дал една банкнота од 100 евра која претходно била обележана, па веднаш откако осомничената ги примила парите полициски службеници извршиле претрес и кај неа ги пронашле парите“, соопшти ОЈО.

Ценејќи ги сите околности во предметот и законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничената, извести ОЈО Битола.

Од Клиничката болница изразија сериозна загриженост бидејќи  по втор пат од почетокот на годината се соочува со незаконско постапување на лекар на штета на пациент. (А.Б.)