Лекарка од битолската болница фатена како прима мито од пациент


 

БИТОЛА – Лекарка од Очното оддeление во Клиничката болница во Битола била фатена како бара и зема мито од пациент.

Лекарката побарала од пациент пари за одредена здравствена услуга, но засегнатиот пацiент случајот го пријавил кај истражните органи и кaко што дознаваме лекарката е фатена со обележани пари. Во случајот постапувале инспектори од СВР Битола и лекарката билa спроведна на распит. Се очекува одлука на ОЈО Битола. 

Настанот се случил вчера попладне пред крајот на работното време.

Од Клиничката болница Битола добивме потврда за случајот. Болницата е згрозена од ситуацијата бидејќи ова е втор случај во битолската болница од почетокот на годината, лекар да биде фатен да бара мито од пациент. 

„Клиничка болница Битола изразува сериозна загриженост што по втор пат од почетокот на годината се соочува со незаконско постапување на лекар на штета на пациент. Жалиме што се наоѓаме во ситуација, наш лекар кој вршел работи од јавен интерес да биде осомничен за примање мито од пациент. Ги охрабруваме истражните органи од СВР Битола и ОЈО Битола да постапат транспарентно и законито и во овој случај.

Како раководство на Клиничка болница Битола е згрозени сме од ситуацијата и се оградуваме од постапката на осомничената лекарка“, реагира болницата.

Во согласност со Министерството за здравство итно е спроведена постапка за суспензија на осомничената лекарка сѐ додека трае процесот на истрагата.

Во јануари лекар хирург беше уапсен и условно осуден за барање на мито од пациент во Битола. 

За случајот се огласи и Министреството за здравство: 

„Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ – Битола, каде што денес медицинско лице е затекнато при примање поткуп, Министерството веднаш иницира постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури.

Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство.

Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман. Министерството не толерира корупција и ќе ги санкционира сите прекршоци за да ја зачува довербата во здравствениот систем“. (А.Б.)