Лекар од Струга пет години не одел на работа, а земал плата


ОВР Струга поднесе кривична пријава против 42-годишниот К.С. од Струга, вработен како лекар во Општата болница во градот, поради сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Според информациите од полицијата, пријавениот од 1 јули 2019 година па сè до добивањето на отказното решение на 29 ноември 2024 година, не се јавувал на своето работно место, ниту пак го известил работодавачот за прекинот на специјалистичкиот стаж.

Дополнително, од 15 јули 2020 година, кога му истекла важноста на лекарската лиценца, па сè до моментот на отказ, К.С. немал важечка лиценца за работа како доктор по медицина, издадена од Лекарската комора.

И покрај тоа, тој редовно примал плата и други додатоци, со што, како што стои во пријавата, го оштетил буџетот на болницата за вкупен износ од 1.956.569 денари и се стекнал со противправна имотна корист.