Лажен балон на власта или алатка за справување со кризата – почна комисиската расправа за ребалансот на Буџетот


Фото: Б. Грданоски

Еден документ – две дијаметрално спротивставени гледишта на Предлог – ребалансот на Буџетот за 2022 година, кој денеска се најде на седница на матичната Комисија за финансирање и буџет.  За опозицијата станува збор за „лажен балон“, како и дека „се симнати розовите очила на власта“, додека за пратениците од владејачкото мнозинство, предлогот нуди решенија за справување со  сложените предизвици со кои се соочува државата, односно со инфлацијата, енергетската криза и економскиот раст, како и дека со тоа ќе се заштити стандардот на граѓаните и ќе им се помогне на компаниите.

Со Предлог – ребалансот на Буџетот приходите се проектирани на 245,8 милијарди денари, за околу 6,9 милијарди денари повеќе во однос на досегашниот Буџет, додека расходите се рекордни – 288,5 милијарди денари, за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на претходните проекции.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ребалансот на Буџетот се носи како покритие за енормното зголемување на задолжувањето на државата.

„Имаме историски највисока инфлација од 12 проценти, историски највисок јавен долг,   експлозија на цени на основните прехранбени производи, двоцифрена цена на горивата, струја која што поскапува секои шест месеци, а нѐ очекува ново поскапување од минимум 10 проценти, најмали плати во регионот, најмал раст, а сепак најбогата владина коалиција“,  истакна во дискусијата Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е и претседател на Комисијата за финансирање и буџет.

Според Стојаноски власта самата признала дека во Буџетот предвидела стотици милиони евра непродуктивни трошоци во време на криза, заради што половина милион граѓани живеат со 150 денари на ден, 4.000 компании ставиле клуч на врата од почетокот на годината.

„Ребалансот на буџетот покажа уште еден катастрофален податок, а тоа е дека проекцијата за раст на БДП се намалува за неверојатни 1,4 процентни поени, односно економијата во најдобар случај до крајот на годината ќе порасне за 25 отсто помалку од планираното. Оваа проекција за помал раст во исто време значи дека отприлика за истиот процент ќе се зголеми долгот на Македонија и достигнува рекордни над 7 милијарди евра во овој момент. Овие и најавените над милијарда евра нови долгови ќе значат дека оваа власт за пет години успеала да ја задолжи Македонија за ист износ колку сите влади претходно“, рече Стојаноски.

Тој смета дека со власта на СДСМ и ДУИ кризата само ќе се продлабочува бидејќи тие се извор на кризи.

„Со ребалансот ништо нема да се промени на подобро, туку Македонија ќе продолжи да тоне уште повеќе“, рече Стојановски. Според него, ребалансот е доказ дека земјата е банкротирана, економски истоштена и испокрадена и земја која со брз чекор оди кон сиромаштија.

Спротивно на ваквите ставови на опозицијата, пратениците од редовите на СДСМ, велат дека Предлог – ребалансот на Буџетот е одговорен пристап со кој се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и стопанството.

„Се крати секаде каде тоа е можно“, рече пратеникот Диме Велковски од СДСМ, додавајќи дека инфлацијата не е феномен само во нашата земја, туку ја има во цел свет, и дека е повисока и во некои од земјите на ЕУ, како што се Балтичките држави.

Велковски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема аргументи за нивните тврдења, при што се осврна на преземените мерки за ублажување на ценовните шокови, како и за поддршка на граѓаните и на стопанството.

„Со ребалансот се зголемени финансиските средства за плати и надоместоци и тоа 526 милиони евра, или 554, 7 милиони денари повеќе во однос на Буџетот донесен пред шест месеци. Тоа се прави за усогласување на платите, што се зголемени, со претходното зголемување на минималната плата“, рече Велковски и потсети дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ минималната плата беше 9.000 денари.

Велковски посочи дека приходите од данокот на добивка во периодот јануари- мај годинава се за 43,1 отсто поголеми во однос на истиот период минатата година, во истиот период данокот на личен доход е поголем за 17, 9 отсто, приходите од ДДВ се зголемени за 7,4 отсто, а од царините за 34,2 отсто.

„Тоа зборува дека државата ги исполнува своите критериуми“, рече Велковски и нагласи дека истовремено редовно се сервисира јавниот долг.

Општата расправа за Предлог – ребалансот на Буџетот е предвидено да трае наредните 3,5 дена, а потоа во наредните 6,5 дена пратениците ќе треба да се произнесат за предложените 204 амандмани, од кои 174 се од ВМРО-ДПМНЕ, 28 од Алијанса за Албанците, додека владејачката СДСМ доставила два амандмани.

Амандман најави и Сојузот на синдикати на Македонија со кој се бараат пари за зголемување на платите во јавниот сектор за 2.806 денари во нето износ. Од ВМРО-ДПМНЕ поднеле и амандман кој бил предложен од КСС за финансиска поддршка и за вработените во приватниот сектор со кој се предлага оние кои земаат плата од 18.000 до 21 .000, три месеци да добиваат по 3.000 финансиска помош, а за плати од 21.000 до 24.000, три месеци да добиваат по 2.000 денари.

Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека со Предлог-ребалансот на Буџетот треба да се постигнат две основни цели – прво, да се одржи макроекономската стабилност, која е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и второ, да се поддржи економијата за враќање во пред пандемиското ниво, како и одржување на социјалната сигурност на граѓаните.

Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти што е намалување за 1,4 процентни поени во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот, а стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари односно 5,3 проценти од БДП што е за 9,1 процент повеќе во однос на првичниот буџет. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг, како што беше посочено на презентацијата на ребалансот, ќе се финансираат преку задолжување од меѓународниот и домашниот пазар.