Лани ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше законот за обложувалниците, сега како власт го предлага


 

При крајот на мандатот на минатиот парламент измените на Законот за игри на среќа беа дочекани со силна реакција од тогашната опозиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Главниот приговор беше начинот на донесување – скратена постапка, европско знаменце и целосно изоставување на засегнатите страни од процесот. ВМРО-ДПМНЕ застана зад ставовите на Асоцијацијата на спротски обложувалници на Македонија (АСОМ) и ги поддржа во нивниот протест. Измените на законот не се донесоа.

Сега двата партнери од заедничкиот протест се на различни страни. ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија го предлага овој закон (кој го туркаше ДУИ), а АСОМ е повторно жестоко против.

Според анализите, во содржината на законот речиси ништо не е променето. На ВМРО-ДПМНЕ не му пречи ни оддалеченоста на објектите од 500 метри, ни државниот монопол врз интернет игрите на среќа, ни рестриктивните економски обврски за лиценцираните приредувачи. Но веројатноста да бидат загубени илјадници работни места, како што тврди АСОМ.

Во 2024 година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржаа овој закон, а против беше и тогашниот партнер во опозицијата Изет Меџити, обвинувајќи ја тогашната власт дека „ги уништува легалните компании и им отвора простор на сомнителни странски оператори“. Денес, како владејачка партија, заедно со своите коалициски партнери од „Вреди“ и ЗНАМ, тие го предлагаат истиот модел на регулатива.

Овој предлог закон е веќе усвоен од Владата на премиерот Христијан Мицкоски, па додека се очекува тој да се најде на дневен ред во Собранието, дел од јавноста бара поширока расправа за темата, со оглед дека таа засега илјадници работни места и има сериозни економски последици врз државниот буџет.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) вчера реагираше со соопштение во кое остро се спротивставува на новата верзија на законот, нарекувајќи го „закана за 10.000 работни места“ и предупредувајќи дека „целата легална индустрија ќе биде затворена преку ноќ“.

Се проценува дека над 50.000 работни места се индиректно поврзани со оваа дејност, земајќи предвид дека дополнително, уште неколку десетици илјади граѓани работат во компании што се тесно поврзани со техничката, логистичката и ИТ поддршка на приредувачите на игрите на среќа.

Законската рамка, како што е предложена, не содржи економска анализа за социјалниот и фискалниот ефект што би го предизвикал законот во локалната економија.