Себастијан Курц поднесе оставка
Корупцискиот скандал стана неиздржлив за австрискиот канцелар
Австрискиот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка на фукцијата.
Во обраќањето до нацијата Курц рече дека секогаш се обидувал да даде свој придонес за Австрија, а додаде дека во изминатата година и пол многу се барало од него.
Со овој чекор сакам да спречам хаос и да обезбедам стабилност, рече политичарот на Народната партија во изјава во саботата вечерта.
Курц рече дека ќе стане лидер на парламентарната група и го предложи министерот за надворешни работи Александар Шаленберг како наследник на функцијата. Шаленберг не е член на партијата, туку е врвен дипломат од кариера.
„Мојата земја ми е поважна од мене“, рече Курц неколку пати. „Она што ни треба сега се стабилни услови.

Курц засега ќе остане претседател на партијата и претседател на пратеничката група во парламентот.
Заднината на кризата во Австрија е истрагата што ја започна државното обвинителство за економски криминал против Курц и неколку други истакнати членови на Народната партија. Тие се обвинети за проневера на даночни пари во 2017 година, кои ги користеле за медиумски кампањи во корист на партијата. Австрискиот канцелар ги отфрли обвинувањата.
Курц, исто така, е под истрага за наводно лажно сведочење пред парламентарната комисија за расветлување на таканаречениот скандал „Ибица“, во чиј ек тогашната влада на неговата Народна парија и популистите од крајната десница падна пролетта 2019 година. И за тој случај, Курц се изјасни за невин.
Со овој потег Курц сака да се извлече од линијата на оган на критики во јавноста. Јасно е дека од заднина, како лидер на партијата и шеф на парламентарната група, тој ќе продолжи да ги држи уздите во свои раце. Тој разбра дека за помалиот партнер во владата, Зелените, продолжувањето на коалицијата зависи од неговото заминување од функцијата федерален канцелар.
Не е јасно дали Зелените ќе се согласат со барањето за недоверба на владата што го предложи опозицијата и за која ќе се расправа на специјална седница на парламентот следниот вторник. Тие експресно ја задржаа опцијата да продолжат со Народната партија под друг канцелар, а не Курц. Единственото прашање сега е дали „чекорот на страна“ на Курц е доволен за нив како знак на прочистување. Така, топката лежи кај претседателот на Зелените и вицеканцеларот Вернер Коглер.