Кулминира топлотниот бран во Грција – во Атина екстремна опасност од пожари


Грчките власти го затворија Акропол во најжешкиот дел од денот

Тридневниот топлотен бран, прв за летово во Грција, се очекува да кулминира денеска со температури што во одредени делови на земјата може да достигнат и над 42 степени, додека во областа Атика, поширокиот регион на Атина, опасноста од пожари е екстремно висока, на ниво на тревога, јави дописничката на МИА од Атина.

Поради високите температури што се очекуваат во текот на денешниот ден во неколку грчки области, со одлука на Министерството за труд, задолжителен е прекин со работа во периодот меѓу 13 и 17 часот за вработените во приватниот сектор кои работат на отворено, а забраната се однесува на работниците на градежни објекти, градилишта, бродоградилишта, како и на доставувачите.

Според метеоролошката служба Метео на Националната опсерваторија во Атина, во источните континентални делови на Тесалија и централна Грција се очекуваат највисоки температури, кои локално би можеле да достигнат и дури и да надминат 42 степени, а земјата ќе ја зафати топла воздушна маса од северна Африка, заедно со појава на феноменот „Ливас“, кој дополнително ќе ги зголеми и онака многу високите температури.

„Ливас“, според Метео, е топол и сув ветер што се создава кога воздушните маси, кои доаѓаат од југозападниот дел на земјата, забрзано се спуштаат од планината Пиндос во северна Грција кон источните предели и се очекува да предизвика многу ниска влажност на воздухот, значително да ја зголеми топлотната оптовареност на населението и да создаде многу висока опасност од избувнување и брзо ширење пожари.

Областа Атика, поширокиот регион на Атина, заедно со централна Грција и источниот дел на Пелопонез денеска се во петтата, највисока категорија, со екстремна опасност од пожари.

Во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција вчера се одржа состанок, информираа дека државниот механизам е во целосна оперативна подготвеност поради екстремниот ризик од пожари и паралелно упатија апел до граѓаните да покажат најголема можна внимателност и да избегнуваат каква било активност на отворено што поради невнимание би можела да предизвика пожар.

Поради екстремната опасност од пожари, од општина Атина и периферијата Атика презедоа превентивни мерки, како што се затворени паркови и забрана за движење и пристап до ридот Ликавитос во центарот на градот.