Кучињата скитници ги плашат битолчани, општината почна проект за прифатилиште

Во последниот период Општина Битола исплатила 65 илјади евра на граѓани кои се каснати од кучиња. Глутници има и во срцето на Битола и на периферијата од градот


 

БИТОЛА – Полицијата речиси секој ден го полни билтенот со граѓани каснати од кучиња скитници, додека Општина Битола најавува изградба на прифатилиште.

СВР Битола завчера, само за еден ден објави дека на нејзината територија четворица граѓани пријавиле дека се каснати од куче скитник, а дел од нив беа битолчани. Овој проблем последните години е многу изразен и присутен не само по битолските улици, туку и во руралните средини. Почнувајќи од Широк Сокак, централното градско подрачје, па сѐ до периферијата на градот сликата е иста, глутници кучиња предизвикуваат страв кај минувачите, за жал досега на терен остануваа само најави и планови.

„Кај нас има кафеана па по кантите за ѓубре се собира глутница кучиња скитници. Во една ноќ ги има и до 20 големи кучиња кои се дават и повредуваат помеѓу себе и предизвикуваат вознемирувачи слики. Башка што не можеме ѓубрето да го фрлиме, ниту пак пеш да поминеме. Многупати досега сме пријавувале, ама ништо не е направено, останува истата слика“, се жали битолчанка.  

Општина Битола по бројните реакции и поплаки од граѓаните веќе отпочнува проект за изградба на прифатилиште за бездомни кучиња, бидејќи и самите  локални власти потврдуваат дека обесштетувањето кон граѓаните во последниот период по овој основ го испразнил буџетот за околу 65 илјади евра.

Градоначалникот Тони Коњановски веќе ја претстави локацијата за прифатилиштето кај поранешната ветеринарна станица во Битола, во долниот дел на градот, во објект стар над еден век. Објектот сега е руина во дворот на средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“, а неслучајно е избран бидејќи покрај мисијата за згрижување на кучињата и хуман третман, за училиштето ќе има едукативен дел.

Но она што досега се направи е само проектната документација, што значи кучињата скитници остануваат на „теренот“ низ Битола, до изградбата на прифатилиштето, нивно заловување и третман.

„На стартот сме на реализацијата на еден многу значаен проект, за граѓаните на Битола, за сите нас. Некогашна Ветеринарна станица од пред 100 години, простор кој ќе го облагородиме, на кој ќе изградиме современо прифатилиште за бездомни животни. Мислам дека ќе најдеме еден заеднички пристап кон овој проект. Ја имаме проектната документација, македонски и балкански искуства во изработката на проектот, ја имаме зградата во која ќе биде сместено ова прифатилиште. Реализацијата на овој проект ќе биде фазна, ќе чини, но еднаш засекогаш ќе го реши проблемот“, најави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Веќе подолго време странски експерт е во комуникација со Општина Битола и дава стручна поддршка за изградба на прифатилиштето и изработката на проектната документација. Британскиот експерт Брајан Фокнер, претставник на RSTCA – Кралското здружение за спречување на суровост врз животните ги подучува битолчани како да го изградат објектот и се чуди што градот дозволил некогашната Ветеринарната станица да се претвори во руина.


Поранешната Ветеринарна станица, која сега е руина, треба да стане прифатилиште за кучиња

„Пренаменувате стара зграда за која не само што не се направило ништо туку и се распаднала. Тоа што не се направило ништо за мене е трагично, но се работи за еден убав стар објект кој ќе биде искористен за проект кој ќе биде нешто добро за заедницата и каде студентите ќе може да доаѓаат тука, да учат и да стекнуваат искуство. Децата од училиштата ќе може да доаѓаат тука од едукативни причини. Во ред, тоа ќе чини доста пари за да се направи, но јас искрено се надевам дека ќе добиеме финансирање за всушност да го започнеме и да го ставиме во функција овој проект кој порано или подоцна ќе биде добар позитивен чекор за заедницата воопшто“, рече Фокнер, при обиколката на теренот.

Изградба на прифатилиште за бездомни кучиња во Битола беше ветување и на претходната власт на СДСМ, не успеа да го направи. Проектот го вети и новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу најгласните за изградба на прифатилиште беа и од  независната советничка група „Поинаку“, која е дел од власта.

Сепак, по вчерашната промоција на локацијата за изградба на прифатилиштето, останаа да висат неколку клучни прашања. Меѓу најбитните кога ќе почне изградбата на прифатилиштето, рокот до кога треба да биде  завршен објектот, ангажирањето на вработени и стручни лица. Колку ќе чини целиот проект од изведба до реализација, и како ќе бидат обезбедени тие пари? И најважно дали битолчани додека не се изгради прифатилиштето ќе видат дека се преземаат мерки за привремено справување со проблемот?