Кучето Марли, прегазено од камион, пристигна во новиот дом во Англија


Кучето Марли, кое со неговиот тажен поглед, а откако беше прегазено од камион, ги освои срцата на многу љубители на животни во земјава, пристигна во новиот дом во Велика Британија.
Пред само четири месеци, социјалните мрежи беа преполни со фотографии од бездомното куче, удрено од камион и оставено да искрвари на улица во населбата Радишани. Неговиот живот беше на конец, се собираа донации од хумани граѓани и конечно, по четиримесечна голгота и со помош на посветени активисти за заштита на животните, Марли, кој поради ударот го загуби видот на едното око, си го најде својот дом.
За приказната да биде уште потрогателна, а во исто време и посреќна, сведочи и фактот што Марли беше посвоен од семејство кое веќе има згрижено друго куче, од Охрид.
„Хелен и Тони веќе ја посвоија Матеа, која беше родена со едно око. Тие живеат во Спалдинг, во мало рурално гратче со огромна градина каде што кучињата можат слободно да си играат. Хелен и Тони работат од дома, па имаат доволно време  да им се посветат на своите миленици. Марли во неделата попладнето пристигна во својот нов дом и се запозна со новите членови на семејството“, изјави за „Макфакс“ Џеки Браун, координатор на организацијата Блајнд дог рескју (Blind Dog Rescue UK), која помага и посредува да им се најде дом на слепи животни и на кучиња и мачиња со оштетен вид да најдат соодветен дом.
Од ноември 2017 година до сега, благодарение на оваа организација од земјава најден им е дом на повеќе од 35 мачиња и 10 кучиња, сите слепи или со оштетен вид.
На истиот начин својот дом во Велика Британија го најде и Марли, кучето кое едвај преживувало на скопските улици, настрада од несовесен возач, го изгуби видот на едното око, а сега вториот живот му започнува на 2.000 километри подалеку од земјава.