КСЗД поведе постапка по службена должност против психијатриските болници и МЗ


Комисијата за спречување и заштита од дискриминација соопшти дека повела постапка по службена должност против ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар, ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје и Министерството за здравство, за заштита од дискриминација на пациентите во здравствените установи, врз основа на здравствен статус, во областа пристап до здравствените услуги.

Како што е објавено на нејзината официјална веб страница, Комисијата наведува дека по допрен глас добила информација дека ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар не располага со потребни капацитети, односно санитетско комбе, адекватен и доволен медицински кадар, лица задолжени за хигиена на пациентите, што доведува до неадекватна нега на пациентите во болницата и ги става овие лица во понеповолна положба за разлика од други пациенти.

Врз основа на добиените информации, Комисијата, се наведува, се обратила со Барање за информации до надлежното Министерство за здравство и ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар, од каде ги побарала следните информации:

-Дали Психијатриската болница располага со санитетско возило или возило за брза помош за превоз на пациентите? Кој е точниот број на медицински сестри и негуватели кои работат со пациентите? Дали има дежурни медицински сестри за 24 часовна поддршка на пациентите кои имаат потреба од постојана нега? Точен број на вработени  доктори во болницата по специјалност? Вкупен број на вработени во болницата? Информација за вкупниот број на сместени пациенти? Колкав е капацитетот на болницата и дали е исполнет? На каков начин се одржува хигиената во болницата и дали има вработени лица за одржување на хигиената (број на лица и колкава е површината на болницата)? и Дали има лице за одржување на личната хигиена на пациентите (бричење, стрижење и сл.).

Истовремено, се додава, било доставено и Барање за информации до надлежното Министерство за здравство, од каде беа побарани информации дали Психијатриската болница располага со санитетско возило или возило за брза помош за превоз на пациентите, дали се вршат редовни инспекциски надзори на работењето на ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, и доколку има достапни извештаи за констатираните состојби, да ни ги достави.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побрале од МЗ да достават информации и за тоа дали се преземаат активности предвидени во Националната стратегија за унапредување на менталното здравје 2018-2025 година, а кои се однесуваат на деинституционализација, односно постепено преминување од институционалниот облик на грижа кон услуги кои се обезбедуваат во заедницата за лицата со ментални потешкотии, односно намалување на долгорочната хоспитализација. Понатаму, дали имаат преземено конкретни активности за подобрување на условите во психијатриските болници, односно инвестирање во подобрување на инфраструктурата, вклучувајќи хигиенски и просторни услови, како и обезбедување на современа опрема и ресурси за третман на пациентите и колку Центри за ментално здравје функционираат на територија на Република Северна Македонија, дали се соодветно екипирани и дали имаат план за проширување на мрежата на вакви центри и во други општини во државата.

-Необезбедувањето на еднаков третман на пациентите поради нивната здравствена состојба може да доведе до дискриминација во пристапот до здравствена заштита, наведуваат од Комисијата.

При тоа се упатува на законската одредба дека согласно член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Воедно, од Комисијата посочуваат дека согласно член 23, став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација „Комисијата покренува постапка по службена должност ако од околностите и фактите, како и од сознаниeто добиено по допрен глас, основано произлегува дека од страна на органите од членот 3 став (2) од овој закон е извршена дискриминација во согласност со дискриминаторските основи.“

-Имајќи ги предвид податоците добиени од одговорот на ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар, кои ја отсликуваат фактичката состојба, како и информациите добиени по допрен глас за состојбата во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, а при тоа имајќи предвид дека е засегната поголема група на лица, Комисијата согласно надлежноста од член 21, став 1, точка 15 донесе одлука за поведување постапка по службена должност, стои во соопштението на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.