Крушево очекува обиколница преку унгарскиот кредит за развој на алтернативниот туризам


Обиколницата на Крушево ќе овозможи градот да биде центар за развој на, главно, авантуристичкиот туризам, по што е најпознат во светот. Тоа е еден од четирите проекти со кои градот бара средства од 1 милион и 130 000 евра од унгарскиот кредит преку Министерството за локална самоуправа за оваа година. Ќе бидат поврзани скијачките терени и авантуристичките паркови.

-Поточно, обиколницата ќе биде локален пат од Порта до скијачките терени и од познатата чешма на АРМ до скијачките терени со што ќе се формира тој дел, или, тие парцели ќе добијат инфраструктура кои се градат изминатиот период и се продадени од Општината. Инаку, претходно се реконструираше локалниот пат од Порта до Мечкин Камен. Тоа ќе донесе дополнителен раст и развој на туризмот, не само во Крушево, туку и цела држава ќе биде насочена кон Крушево кој ќе биде центар на внимание, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Крушево годинава очекува да го започне проектот со Грција преку Европската Унија и да го гради алтернативното полетувалиште за параглајдеристи на Црн Врв.

-Местото е црни Врв каде, отспротива, има одлична ружа на ветрови и со тоа Крушево ќе биде уште попрепознатливо. Ега е на трето место во светот по параглајдерство, а со ова сакаме да ги има првите места. Многу можности ќе добијат аматерските параглајдеристи, вели Христоски.

Годинава во Крушево ќе се одржат: светскиот куп за параглајкдерство, европското првенство и уште седум други меѓународни натпреварувања во параглајдерство. Тоа ги зголемува очекувањата во крушево годинава да има зголемен број туристи.