Кристофер Хил: Србија оди во правилна насока


 

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, за новогодишното издание на весникот „Блиц“ изјави дека се чувствува охрабрен и смета дека Србија оди во правилна насока, а сигурен е дека поради овие зборови ќе добие пораки на омраза.

Хил рече дека Србија има амбиција, има луѓе кои се амбициозни и мора да се спореди со другите земји за да се разбере неговиот став зошто верува дека земјата оди во добра насока.

Луѓето треба да разберат дека јас не работам за Србија, туку работам со Србија и за интересите на владата на Соединетите Американски Држави. Нашите интереси се преклопуваат со српските, мислам дека на некој начин се слични, рече Хил, кој додава дека не може сите да се усреќат во дипломатијата и животот.

Хил додаде дека Србија долго време одржува независна, а некои би рекле невоедначена надворешна политика.

Мислам дека Србија е многу важен дел во помагањето на Украина. Многу сум задоволен што Србија испрати амбасадор и отвори амбасада во Украина. Секој ден Русија ја напаѓа цивилната инфраструктура со цел суштински да му го загорчи животот на цивилното население во Украина. Мислам дека Србија направи многу за да помогне и многу сум задоволен од тој правец, изјави Хил.