Кралеви за победа: Стинг и Влатко ја славеа шампионската титула на „Вардар“
Наш, гитарски виртуоз, Влатко Стефановски и светски, кој не се симнува од музичкиот врв, Стинг , синоќа, со цела Македонија на Градскиот стадион ја славеа шампионската титула на РК „Вардар“ .
Во амбиент на еуфорија на улиците на Скопје, засиленото полициско обезбедување и немањето паркинг за жива глава, скопската фаца од Дебар маало беше одлично, жестоко загревање за Англичанецот од Њујорк, чиј втор концерт во Скопје, а прв стадионски беше најамбициозен проект на организаторот „Авалон“.
Влатко, со леснотија и уживање, со своето трио, во еден час ни ги отсвири народните бисери „Македонско девојче“, „Јовано јованке“, „Не ми го продавај Кољо чифликот“, евергринот „Сеир“, не потсети на подзаборавената „Истоk-Запад телепатски“ од пред 32 години…, за да на крај финишира со омилената на сите инструменталка „Бистра вода“.
Публиката од целиот регион, по едногодишната фама дека британскиот поп-музичар Стинг доаѓа во Скопје, точно во 22 часот, можеше да се опушти и да се радува на омилените хитови во живо: „Englishman in New York“, „Fields of gold“, „Shape of my heart“, „Every breath you take“, „Roxanne“, „Message in a bottle“…
Ако минатиот концерт во Скопје беше пожив, порокерски и со повеќе хитови на „Полис“, овој беше побавен и поромантичен. Вечер за уживање и за аплаузи за две ѕвезди кои се институција поради едноставноста и талентот.
Стинг, европската турнеја „My songs“ ја почна пред две недели ви Париз. Претходно, го објави својот четиринаесетти студиски албум кој воедно е втор албум со 15 веќе добро познати песни кои сега звучат нешто поразлично затоа што се преработени во нов аранжман.На новиот албум има 15 обработени верзии на најпопуларните песни од целата кариера на Стинг како и од периодот кога тој бил член на бендот „Полис“.
Л. Сабит Фото: Никола Грданоски