Крајнодесничарската партија АфД првпат на врвот на националната анкета


Германската партија Алтернатива за Германија (АфД) го престигна конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ (Христијанскодемократска унија/Христијанскосоцијална унија) во анкетата на јавното мислење ЈуГов (YouGov) објавена денеска.

Агенцијата нагласува дека ова е прв пат крајнодесничарската, антиимигрантска партија да излезе на врвот на националната анкета од меѓународната компанија за маркетинг истражувања и анализа на податоци.

Поддршката за АфД се зголеми за два процентни поени во споредба со анкетата во август и сега изнесува 27 отсто, додека Христијанските демократи (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц и нивната сестринска партија во Баварија, Христијанскосоцијалната унија (ЦСУ), паднаа за еден поен на 26 посто.

Доколку се одржат општи избори оваа недела, Социјалдемократите (СПД), помладиот партнер во владата, би добиле 15 проценти од гласовите, што е за еден процентен поен повеќе, според анкетата „ЈуГов “.

Ситуацијата со Зелените е непроменета – 11 проценти, додека партијата „Левица“ известува за пад од еден поен на девет отсто.

Анкетата е спроведена помеѓу 12 и 15 септември и вклучувала 1.649 германски гласачи.