Крај за вандализмот: Видеонадзор ќе се постави на сите игралишта во Аеродром
Општина Аеродром започнува постапка за воспоставување систем за видеонадзор на детските и спортските игралишта, како и во парковите. На вчерашната седница на Советот беше усвоен предлогот за отпочнување на постапката.
Општината упатува благодарност до советниците кои ја препознаа важноста на оваа мерка и дадоа поддршка за нејзината реализација.
Секое искршено игралиште претставува загуба за сите граѓани, а најмногу за најмладите. Затоа, покрај реконструкцијата и обновата на спортските и детските игралишта, Општина Аеродром презема конкретни чекори за нивна трајна заштита. Целта е да се спречи вандализмот и да се зачува јавниот имот.
Новиот систем за видеонадзор ќе придонесе за спречување на вандализмот, заштита на општинскиот имот и урбаната опрема, зачувување на парковите и игралиштата, како и поддршка на надлежните институции во откривањето сторители на казниви дела. Истовремено, ќе овозможи поголем јавен ред, повисоко ниво на безбедност и подобра заштита на јавната инфраструктура.
Реализацијата на проектот ќе се спроведе согласно со законските процедури, со целосно почитување на прописите за заштита на личните податоци и сите важечки стандарди.
Безбедноста е инвестиција во иднината. Со оваа мерка, Општина Аеродром продолжува да создава побезбедни, уредени и зачувани јавни простори, во интерес на сите граѓани и на идните генерации.